Сиљановска-Давкова: Градоначалниците и советниците да се фатат за работа

Очекувам денот да биде мирен, да ги заокружиме изборите и потоа градиначалниците и советниците да се фрлат на работа, изјави претседателката Гордана Сиљановска-Давкова откако го оствари своето право на глас во основното училиште „Коле Неделковски“ во општина Центар.

Сиљановска-Давкова упати две важни пораки – едната дека на локални избори треба да гласаат само луѓе кои имаат постојано живеалиште во општината и втората до жените кои на овие избори како кандидатки за градоаначлници ги има многу малку, иако имаше можност да се кандидираат со само два потписа. 

–  Она што ќе си го дозволам да го изјавам е нешто што е крајно невообичаено во Европа и во светот, а редовно кај нас. Во европските држави на локални избори гласаат само луѓе кои имаат постојно живеалиште во општината, значи денот и ноќта го поминуваат таму. Ние имаме еден парадокс, да дојдат за еден час луѓе кои веќе гласале во Австрија, Франција, Швајцарија и да ги изберат градоначалниците и советниците. Можете да проверите тоа е непознат демократски феномен, изјави Сиљановска-Давкова. 

Како што рече изненадена е што на овие избори има малку жени кандидатки за градоаначалнички, иако имале можност да се кандидираат со само два потписа. 

– Овој пат навистина ние жените имавме шанса сами да се кандидираме со два потписа за градоначалничките позиции. И се случи многу малку жени да се кандидираат. Причините се веројатно повеќе – прво изненадувањето, одеднаш се соочувате со можност сами да се кандидирате со два потписа. Ние сме одговорни суштества и секогаш размислуваме дали сме најдоброто решение, дали ќе може да одговориме на овој предизвик особено ако не сме поддржани од луѓе кои ни веруваат. Второто е поврзано со политичката култура. Се уште, за жал, има силни елементи на патријархална и парохијална политичка култура, па размислуваме на тој начин. Значи овој инцидент со отсуството на член заради одлуката на Уставниот суд што ќе го регулира кандидирањето покажа и докажа дека и во нас жените има сериозен проблем. Не велам дека тоа е недоверба во себе, туку мислам дека е врзано со фактот дека ние сме поодоговорни бидејќи имаме потежок пат во животот. Оваа лекција добро треба да ја научиме за да ги смениме работите. И јас се соочив со истото прашање од меѓународната заедница зошто овој пат толку малку жени се одважија да се кандидираат на изборите, изјави Сиљановска-Давкова. 

Изборната кампања генерално ја оцени како релативно пристојна со респект. 

– Мислам дека не очекувано ако судиме според некои претходни инциденти или, пак, сосема очекувано ако се водиме од фактот дека по 30 години демократија, таква кампања треба да се очекува, беше релативно пристојна со респект. Ретко се сочувавме со напади ad hominem, се говореше за проекти, но имаше и инциденти. Би сакала да го истакнам примерот на Бујар Османи, но не во прилог на инцидентите, туку во прилог на фер и демократско однесување, рече Сиљановска-Давкова. 

Зачлени се на нашиот е-билтен