Десетици чартер летови донесоа гласачи од дијаспората во Охрид и Скопје пред вториот изборен круг

Во очи на вториот круг од локалните избори во Македонија, викендов беа реализирани најмалку 12 вонредни чартер летови на аеродромите во Охрид и во Скопје, соопштија извори од авијацискиот сектор.

Најголема активност е регистрирана на охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“, каде што во саботата, 1 ноември, покрај редовните линии, слетаа шест дополнителни авиони. Два од нив беа од типот „Ербас А320“ со по 180 седишта од Базел, а четири авиони „Ембраер 190“, со капацитет од 110 до 134 седишта, пристигнаа од Цирих.

Во неделата наутро во Охрид беа реализирани уште два чартер лета — еден од Цирих и еден од Братислава.

На Меѓународниот аеродром во Скопје, пак, во саботата пристигнаа авиони од Цирих, Базел и Дортмунд, додека во неделата беше реализиран лет од Диселдорф. Капацитетот на авионите кои слетаа во главниот град се движеше меѓу 110 и 180 седишта.

Според снимки и видеа објавени на социјалните мрежи, меѓу патниците доминирале иселеници со потекло од Кичево и Струга — две општини во кои денеска се гласаше во вториот круг.

Податоците на Државната изборна комисија до 17 часот покажуваат дека излезноста во Кичево изнесува 48,29%, а во Струга 35,39%.

Зачлени се на нашиот е-билтен