Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, изјави дека вториот круг од локалните избори поминал во исклучително мирна, фер и демократска атмосфера, без сериозни инциденти или нарушување на јавниот ред и мир.
„Како и во првиот круг, можеме со гордост да констатираме дека и денеска Македонија имаше мирни и достоинствени избори. Изборниот процес помина без настани кои би го довеле во прашање неговиот интегритет,“ рече Тошковски.
Тој информира дека низ целата држава биле пријавени вкупно 30 настани, од кои најголем дел во Скопје. Најчестите пријави се однесувале на агитирање во близина на избирачки места (7 случаи), можен поткуп (5 случаи) и неовластено присуство на гласачко место (4 пријави). Забележани биле и поединечни случаи на фотографирање гласачки ливчиња, попречување на гласање и упатени закани.
По проверките, во 19 од 26 обработени случаи наводите не биле потврдени, а во останатите биле изготвени записници и преземени соодветни мерки. Во моментот се водат постапки за четири случаи поврзани со можен поткуп, неовластено фотографирање и агитирање.
Секторот за компјутерски криминал регистрирал 18 објави на социјалните мрежи поврзани со изборите, кои се анализираат и се постапува согласно законските процедури.
Тошковски додаде дека на девет избирачки места имало кратко задоцнување при почетокот на гласањето, а на осум места биле пријавени технички проблеми со уредите за идентификација, кои биле брзо решени и не влијаеле на текот на гласањето.
„Граѓаните, институциите и Министерството за внатрешни работи покажаа зрелост и одговорност. Македонија денеска имаше едни од најмирните избори во последните години,“ заклучи Тошковски.

