Герасимовски: Центар е во сигурни раце, ќе ги исполнам сите ветувања

Герасимовски

Центар го подигаме на ново, повисоко ниво. Продолжуваме да ја пишуваме нашата заедничка нова приказна. Вечер славиме, а од утре наутро, продолжуваме со силна работа, изјави по победата во Општина Центар Горан Герасимовски, кандидат на коалицијата на СДСМ.

Во изјавата за медиумите и пред граѓаните на Центар тој истакна дека сѐ што најавил ќе се исполни.

„Ќе бидеме вистинскиот пример и за Центар и за цела држава, за резултати, за чесност, за вредности. Ќе бидеме оригинален позитивен пример, но и алтернатива на сите погрешни политики. За нас слободата, еднаквоста, солидарноста, правичноста се највисоки вредности и принципи, како жива сила, а не зборови на хартија. Се водевме од чесност и праведност, и секогаш знаевме дека постоиме заради граѓаните, а никако обратно“ нагласи Герасимовски.

Горан Герасимовски, кој и досега беше на оваа функција, рече дека продолжува понатаму како и досега, со силен мотив, со моќна работа да ги спроведува ветените проекти, затоа што тие им помагаат на граѓаните.

„Центар што го сакаме е победнички, тој е во сигурни, тој е во вашите раце. Да сте живи и здрави, да живее СДСМ, да живее Центар“, истакна Герасимовски.

Зачлени се на нашиот е-билтен