81 година подоцна – Кои се новите окупатори на Скопје?

Скопје
Рекламна табла во старата Скопска чаршија. Фотографија на Небојша Гелевски, уметник и дизајнер, овјавена на неговата Фејсбук страна и на Фејсбук страна Локомотива.мк заедница

(Размисли по повод 13 Ноември – Денот на ослободувањето на Скопје)

Секој 13 ноември, кога го славиме денот на ослободувањето на Скопје, покрај гордоста и сеќавањето на историскиот подвиг, не можеме да избегаме од едно едноставно, но длабоко прашање: дали Скопје денес е навистина слободен град?

По осумдесет и една година од неговото ослободување, Скопје е метропола што го носи духот на сите свои историски слоеви – град на урбана борба и политички судири, на љубов и инат, на рушење и градење. Град што секој ден ја извојува својата мала или голема битка за слобода: од корупцијата, загадувањето, нечистотијата, партизацијата, па сè до духовната и менталната апатија.

По тој повод, три различни скопски гласови – новинарите Звездан Георгиевски и Елизабета Кузмановска и фотографот Александар Кондев, споделија свои размислувања за тоа што значи денес да се биде „слободен“ во Скопје, кој е окупаторот на градот во метафорична смисла и каков е духот на градот сега, во споредба со порано.

Звездан Георгиевски: „Секогаш нешто е заробено, и секогаш некој го ослободува“

„Секој град е онолку слободен или неслободен колку што се слободни, односно неслободни неговите жители. Слободата не е апсолутна категорија, различно се сфаќа на индивидуално ниво. Она што е за мене слобода, за друг можеби е црно ропство.“

Звездан Георгиевски (фотографија на Владимир Плавески)

Со оваа мисла, Звездан Георгиевски ја започнува својата анализа на скопската реалност. Тој вели дека Скопје, низ сите овие години, постојано се „ослободува“ од нешто – од трафики, од зеленило, од здрав разум, па сега и од ѓубре. „Ристо Пенов го ослободи градот од трафиките, Коце Трајановски од зелените површини, Данела Арсовска од здравиот разум, а Орце Ѓорѓиевски – наводно – од ѓубрето.“

Георгиевски остро забележува дека Скопје никогаш нема да биде вистински слободен град, затоа што секогаш ќе има некаков „архинепријател“ и некаков „месија“ што ќе дојде да го спаси.

„Бројни се скопските окупатори – малограѓанштината, урбанистичката мафија, незнаењето, корупцијата, партијноста, бирократизацијата… Сето тоа го гледаме на секој чекор – од урбанистичкиот хаос, сообраќајниот метеж, инфраструктурните проблеми, до загадувањето и ѓубрето. Тоа се одразува и на луѓето, кои стануваат хаотични, апатични, без визија и без желба за поубав град.“

Тој додава една анегдота за „калифот и оџаците“, преку која ја опишува носталгијата и иронијата на времето.

„Во некој калифат, апсолутистички калиф наредил луѓето да влегуваат дома низ прозорци. Кога умрел, синот наредил да влегуваат низ оџаци. И луѓето велеле – ‘ех, колку беше убаво времето кога влегувавме низ прозорци’. Така е и со нас – секое време ни изгледа подобро, само затоа што не го живееме повеќе.“

И на крај, Георгиевски вели:

„Единствената скопска константа е промената. Од паланка станавме град, за повторно да се вратиме во паланка. Но верувам дека пак ќе се смениме. Можеби нема да бидам жив сведок, ама знам дека ќе се случи.“

Александар Кондев: „Можеме сѐ да правиме слободно — ама затоа Скопје ни е најубаво од Крстовар“

Александар Кондев со препознатлива иронична нота ја дефинира скопската слобода како – апсолутна, но и апсурдна.

Александар Кондев

„Скопје е слободен град во секоја смисла. Можеме да шетаме низ градот кога сакаме, да зборуваме за што сакаме, да демонстрираме, да го шараме градот кога не ни се допаѓа… но можеме и да градиме цели населби без дозвола, да возиме на црвено, да пуштаме музика на полноќ. Можеме сѐ да правиме слободно!“

Саркастично додава дека Скопје најубаво изгледа „од Крстовар, ако работи жичарата“, бидејќи од таму не се гледаат „ѓубрето и глупоста“ што се валкаат по улиците.

Во метафорична смисла, Кондев вели дека Скопје секогаш имало свои „окупатори“ – од внатре и од надвор.

„Скопје отсекогаш бил мултиетнички град, но секогаш имало некој што ќе рече дека ‘другите’ се дојденци и дека го окупирале градот. Султани, императори, цареви, партизани – сите оставиле свој белег. Денес најголемиот окупатор е глупоста и неписменоста. Власта доаѓа и си оди, ама простотилакот останува и ја гуши слободата.“

За духот на Скопје, Кондев го користи симболот на раскрсницата:

„Скопје е голема раскрсница – европска, но без семафори и правила. Се вози силовито од сите страни, и скопјаните мора да бидат брзи, внимателни и снаодливи, инаку ќе бидат ‘згазени’. Ние 35 години ја преминуваме раскрсницата, иако со неколку лузни од велосипеди и тротинети.“

А за непроменливото во градот:

„Непроменливи се само Вардар и водата од Рашче. Тие перат и носат сè – и луѓе, и спомени. Доаѓа провинцијалец, се мие и станува граѓанин, ама таа вода ја брише и меморијата. Само чергичињата пред вратите потсетуваат кој од каде дошол.“

Елизабета Кузмановска: „Скопје има душа, само треба да ја препознаеме“

Новинарката Елизабета Кузмановска пристапува со еден поетски и емпатичен тон. Таа вели дека Скопје е слободен град, но таа слобода има и своја цена.

Елизабета Кузмановска

„Скопје дава слобода на градење, на движење, на култура, на говор, на живеење. Но парадоксот на слободата е што ретко кој ги почитува правилата. Подава рака на секој, но не секој возвраќа со убавина и почит.“

Таа вели дека денешната слобода станала релативна, затоа што живееме во хаос на сопствената слобода.

„Слободно се движиме по улиците, но не знаеме од кого ќе настрадаме. Слободно влегуваме во автобус, но среќаваме невоспитани луѓе. Слободно влегуваме во болници и си чекаме со саати. Од што сме многу слободни, заборавивме да бидеме културни, совесни и свесни.“

Според неа, вистинските окупатори на Скопје не се луѓето, туку лошите мисли и навики.

„Ако го исчистиме умот од нечистотии, ќе се исчисти и градот. Ќе се среди сообраќајот, ќе се уредат парковите и населбите. Само со љубов и чиста мисла можеме да дојдеме до вистинската цел.“

За неа, Скопје има душа – и тоа неуништива. Таа се наоѓа во неговите симболи:

„Душата на градот е во Камениот мост, во Ристиќевата палата, во Старата чаршија, ГТЦ, Кејот на Вардар, Градскиот парк, стадионот. Во секоја песна, претстава, концерт, филм – во секој искрен граѓанин кој го сака градот.“

И завршува со порака полна топлина: „Ако му подариме љубов и искреност, Скопје ќе ни возврати со голема топла прегратка. Денес, на 13 ноември, се сеќаваме дека Скопје било ослободено – но вистинската слобода мора секојдневно да ја заслужуваме.“

Скопје, град со илјада лица, секогаш бил и ќе остане огледало на своите жители. Во него се преплетуваат слободата и хаосот, љубовта и негрижата, минатото и сегашноста. Иако секој од соговорниците гледа различно на тоа што значи „слободно Скопје“, сите се согласуваат во едно:
вистинската слобода на градот зависи од слободата, одговорноста и љубовта на неговите луѓе.

Зачлени се на нашиот е-билтен