Филипче: Само 20% наплата на приходи, економијата е во слободен пад

Филипче

Економијата е во слободен пад, буџетот е во сериозна криза, а Владата нема ниту план, ниту капацитет да ја стабилизира состојбата, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во интервју за Алсат М Телевизија.

„Дефицитот којшто е предвиден за оваа година веќе сега, овој месец, достигна 60 и кусур проценти од 650 милиони евра. Околу 400 милиони евра веќе е дефицитот во буџетот. Наплатата на приходите е само 20 проценти“, рече Филипче.

Тој оцени дека ваквите бројки покажуваат дека државата се води лошо и дека нема пари во буџетот. Филипче нагласи дека Владата одбива добри економски политики предложени од СДСМ, кои директно би им помогнале на граѓаните.

„ Со жалење можам да констатирам дека добрите предлог-политики коишто се обидуваме да ги имплементираме преку предлог-закони, оваа власт не ги прифаќа. Во делот на платите дадовме предлог да порасне минималната плата на 600 евра, дадовме предлог да се ограничат цените на основните прехранбени продукти, дадовме предлог да се ограничат цените на горивата. Ништо оваа власт не прифати“, рече Филипче.

Владата не сака ниту државата да оди напред, ниту нешто добро за граѓаните, додаде тој.

„Тие не сакаат ниту државата да оди напред, ниту нешто добро за граѓаните. Што кажува премиерот во време на оваа тешка криза? Набљудуваме, ќе видиме како ќе биде. Како независен аналитичар се однесува“, порача Филипче.

Претседателот Филипче посочи дека поради недостигот на пари во буџетот, власта посегнува по даночни оптоварувања врз граѓаните, наместо да најде решение во време на криза и да им помогне.

„Сега сакаат да ги оданочат парите на луѓе кои работеле во воени кризни жаришта, за да ги прехранат семејствата, во Авганистан и Ирак. Таму е платен данок, биле резиденти таму според законот. Ако 180 дена не се во државата, не треба тука да платат данок. И на студентите кои работеле преку ‘Work and Travel’. И сега сакаат да им ги оданочат парите. Зошто? Затоа што нема пари во буџетот“, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.

Зачлени се на нашиот е-билтен