Обвинителството во Милано ја проширува истрагата за т.н. „Сараево Сафари“ – наводната организирана шема во која богати странци, меѓу кои и италијански државјани, плаќале високи суми на пари за да учествуваат во „ловечки викенди“ со пукање кон цивили за време на опсадата на Сараево (1992-1996).
Истрагата е отворена врз основа на пријава поднесена од италијанскиот новинар и писател Ецио Гавацени, под сомневање за повеќекратно намерно убиство, отежнато со подли мотиви и суровост.
Центар на транзит биле Милано и Трст
Според сведоштвото на босанската новинарка и активистка Менсура Буриџ, која неодамна ја раскажа својата приказна за италијанскиот портал „Фанпејџ“ (Fanpage.it), лицата кои доаѓале од западните земји (како Англија и Германија) патувале преку Италија.
„Оние што доаѓаа од западните земји минуваа низ Италија, особено преку Милано и Трст. Оттаму летаа за Белград и пристигнуваа на територијата окупирана од Србите со теренски возила или хеликоптери“, изјави Буриџ за денешното издание на „Фанпејџ“.
Таа нагласи дека во почетокот феноменот на „сафари на луѓе“ не бил организиран, туку луѓето од локалното српско население плаќале за да убиваат деца и возрасни. Дури подоцна почнале да пристигнуваат групи од Грција, Бугарија, Украина, Русија и Белорусија, а потоа и снајперисти од западните земји, кои плаќале до 100 германски марки за убивање.
Во својот извештај, новинарката Буриџ – авторка на книгата „Ние, децата на Сараево“ – го нагласува и долгогодишното немање желба да се истражи овој феномен.
Суровост и ценовник за убиства на деца
Деталите од пријавата поднесена од Гавацени, која ја пренесе и италијанскиот весник „Ил Фато Квотидијано“ (ilfattoquotidiano.it), откриваат ужасни нивоа на суровост.
Според изворот, снајперистите, кои биле претежно богати луѓе, посветени ловци, љубители на оружје и припадници на екстремната десница, следеле сценарио на хоророт:
Намерно ранување: Снајперистот со првиот истрел намерно ја ранувал жртвата, која останувала во агонија на улица.
Убивање на спасувачите: Суровоста се состоела во чекање некој да пристигне за да ѝ помогне на жртвата, со цел да се додадат уште неколку убиства на првото.
Најскапа цел: За пукање во дете бил даден дури и повисок паричен надомест, како што потврдил анонимен офицер на словенечката тајна служба кој сведочел за настанот.
Во пријавата се наведува дека „туристите снајперисти“ доаѓале во петок, останувале два-три дена, а потоа во недела заминувале за во понеделник да се вратат на своите нормални животи. Се споменуваат имиња на Италијанци од Торино, Милано и Трст кои наводно учествувале во овие „сафари“.
Логистика, разузнавање и политичко влијание
Логистиката на овие „ловечки викенди“ била многу скапа и сложена.
„Ил Фато Квотидијано“ цитира сведоштва на поранешен офицер на воената разузнавачка служба на Армијата на Босна и Херцеговина (АРБиХ), кој открива дека групите се состанувале во Трст, од каде со „Авиогенекс“ (Aviogenex), поранешна српска чартер авиокомпанија, летале за Белград. Оттаму, со хеликоптери и воени возила биле префрлани на ридовите околу Сараево.
Постојат сомнежи дека зад организацијата стоела српската државна безбедносна служба (БИА) и военото разузнавање (КОС), со асистенција на локални команданти, посочуваат повеќе италијански медиуми.
Поранешниот офицер тврди дека до ден-денес, сведоците се под притисок од српските служби за да ја задржат целата операција во тајност. Се наведува пример за пилот на хеликоптер кој се откажал од интервју за документарецот, бидејќи бил загрозен од агенти на БИА.
„Улица на снајперистите“ и претходни истраги
За овој феномен претходно се зборуваше за време на судењата во Хашкиот трибунал, но истрагите никогаш не продолжија доволно за да се најдат одговорни лица.
Босанската новинарка Буриџ, за „Фанпејџ“, нагласува дека криминалците од војната и денес слободно шетаат во близина на нивните жртви.
Феноменот на „туристите – снајперисти“ беше јавно разоткриен со документарниот филм „Сараево Сафари“ на словенечкиот режисер Миран Жупанич.
Градоначалничката на Сараево, Бењамина Кариќ, исто така поднесе пријава до обвинителството во Босна и Херцеговина во септември 2022 година, по објавувањето на филмот.
Снајперските напади се случуваа најчесто на т.н. „Снајперска уличка“ (Sniper Alley), која се протегала од Маријин Двор до американската амбасада. Како што објасни Буриџ, поради географската положба на Сараево, српските сили имале чист преглед од околните ридови кон центарот, а цивилите се криеле со ќебиња и облека во обид да ја намалат видливоста.
Весникот „Ла Стампа“, уште во март 1995 година, пишуваше за луѓе кои „од некои европски аеродроми (германски и англиски) резервираат ‘воени викенди’ за поранешна Југославија. Програмата предвидува можност за голем лов.“
Истовремено, весникот „Кориере дела сера“ во март 1995 година, објави напис под наслов „Одмори во Босна за војување“, каде што се споменуваат „италијански туристи кои одат во поранешна Југославија за да присуствуваат на борбите. А има и такви кои се забавуваат убивајќи“.
Истрагата во Милано, иницирана со цел да се дадат имиња на Италијанците кои учествувале во „ловот на луѓе“, е првиот сериозен правен чекор по 30 години молчење.

