Спортската сала на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во кампусот кај Правниот, Економскиот и Филолошкиот факултет одамна е симбол на тоа како државата знае да потроши милиони за објект што никогаш не ја видел својата намена. Салата на УКИМ, за која од буџетот се издвоени околу 2,5 милиони евра, стои напуштена и руинирана уште од 2017 година – ниту еден студент таму не слушал час по физичко, ниту една спортска активност не е организирана под нејзиниот кров. Ова е серија на зданија кои со години го цицаат државниот буџет во кој оддамна не се знае кој јаде кој плаќа.
Она што требаше да биде најголем студентски спортски ресурс во државата денес изгледа како напуштена фабрика на крајот од транзицијата. Скршени прозорци, оштетени трибини, уништена спортска подлога, ходници претворени во импровизирано сметлиште – внатрешност што никогаш не била предадена на студентите, но брзо била предадена на пропаѓањето. Наместо место каде факултетите ќе ги изведуваат часовите по физичко и студентите ќе тренираат, салата стана „мртва точка“ во сред кампус, за која со години никој сериозно не праша кој е одговорен што клучот никогаш не се заврте.
Сега, кога штетата е веќе направена, Министерството за спорт најавува „оживување“ на објектот – но по нова, скапа цена. Во тек е тендерска постапка за избор на изведувач за комплетна реконструкција, а планот е постапката да заврши до крајот на годинава, по што би следеле градежните работи. Вредноста на ремонтот е околу 900.000 евра, со што вкупната сметка за салата која 8 години не проработела се искачува на над 3,4 милиони евра јавни пари.
Прашањето не е само зошто салата пропаднала, туку како воопшто беше возможно објект во кој се вложени милиони да не биде воопшто ставен во функција. Ниту УКИМ, ниту ресорните институции со години немаа јасно објаснување: дали проблемот бил во технички прием, во проектот, во управувањето, во спор меѓу институциите околу тоа кој треба да ја преземе и одржува салата. Во меѓувреме, генерации студенти трчаа по гимназиски сали, изнајмени термини и импровизирани терени, додека нивниот „универзитетски спортски центар“ се претвораше во разрушен бетонски скелет.
Одамна е јасно дека објектите не пропаѓаат сами по себе, туку од институционална рамнодушност. Фотографиите од салата на УКИМ се вистинска илустрација: нова градба, но со слика како од напуштен магацин – замрзнат доказ дека јавниот интерес завршува со сечење лента. Кога нема одговорност за неупотребливи проекти, за години изгубени без план за одржување и управување, единствената „корекција“ станува нова сума од буџетот, овојпат под етикета „реконструкција“ наместо „изградба“.
Најавеното реновирање отвора и повайсока политичка и општествена сметка: дали ова ќе биде уште еден проект чија главна функција е да се прикажат инвестиции на хартија, или конечно ќе се испорача реална корист за студентите и универзитетот. Ако по реконструкцијата салата повторно остане без јасен модел на управување, без план за програми и одржување, приказната само ќе влезе во нов круг. Разликата е што тогаш веќе нема да станува збор за „заборавен нов објект“, туку за систем кој и по две рунди вложувања не успева да стави во функција едно обично спортско игралиште.
Салата на УКИМ е многу повеќе од локален скандал: таа е пример-парадигма за тоа како се трошат јавните пари во образованието и спортот – со големи суми, слаба контрола и речиси нула интерес за она што треба да се случува внатре, кога ќе си заминат камерите од свеченото отворање.

