Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Конкурс за наградата „Драги“ за најдобар превод на македонски јазик

Наградата за најдобар превод на македонски јазик „Драги“ 2023 на Издавачката куќа Антолог од Скопје е воспоставена за да се направи вреднување на преведувачката продукција во Македонија, како и да се истакне вредноста и важноста на преведувањето за нашиот културен простор.

За наградата може да се учествува со книги објавени во периодот меѓу 1 јули 2022 година и 30 јуни 2023 година.

Објавените книги мора да бидат преведени од оригинален јазик, а може да се конкурира со дела преведени од „живи“ и од класични јазици (арапски, старогрчки, санскрит и латински јазик).

Наградата се доделува за превод на дела од сите книжевни видови: проза, поезија и драма. Право на номинација за наградата имаат издавачки куќи, здруженија на граѓани и преведувачи.

Секоја издавачка куќа или здружение на граѓани имаат право да номинираат најмногу пет книги, а секој преведувач има право да номинира најмногу две книги.

Еден преведувач не може да биде номиниран со повеќе од еден превод. Конкурсот е отворен до 30 јуни 2023 година.

Номинираните книги може да бидат објавени во хартиена форма или како електронски изданија и мора да имаат ЦИП-запис од Националната и универзитетска библиотека „Свети Климент Охридски“ – Скопје.

Книгите објавени во хартиена форма треба да се достават во три примероци на адресата на издавачката куќа „Антолог“ (улица „Ѓорѓи Пулевски“ број 29, локал 1), а електронските изданија во електронска форма на имејлот: bookstar@antolog.mk.

Доставените преводи ќе ги оценува тричлена комисија составена од преведувачи, писатели или книжевни критичари. Наградата се состои од плакета и статуетка „Драги“.

Наградата за најдобар превод на македонски јазик „Драги“ беше воспоставена во 2022 година, а првото почесно признание му беше доделено на Драги Михајловски (1951-2022), македонски писател, преведувач, есеист и универзитетски професор. Освен со прозните дела, Михајловски остави трајна трага во македонската култура со преводите на делата од Шекспир, Милтон, Шели, Китс, Блејк, Елиот, Милтон итн. Објави и неколку студии и есеи од областа на теоријата на преводот, а со своите ставови за преводот влијаеше и на студентите на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, каде што беше професор.

Зачлени се на нашиот е-билтен