Поротниците со дневница до 670 денари почнаа протест, дел од судењата се одложуваат

„Пулс“

Судиите-поротници во Основниот кривичен суд Скопје почнаа мирен протест поради ниските дневни надоместоци и нерешените барања што во изминатите две години ги доставувале до Министерството за правда и Судскиот совет.

Поротниците од 7 јули нема да учествуваат на дел од судските расправи, поради што непритворските предмети во кои нивното присуство е задолжително ќе добијат нови термини. Од Кривичниот суд информираа дека притворските предмети ќе продолжат да се одржуваат.

Нивниот дневен надоместок изнесува од 570 до 670 денари и не зависи од бројот на предмети, сложеноста на постапките или времетраењето на ангажманот. Поротниците наведуваат дека износот не ги покрива ниту основните трошоци поврзани со присуството во судот.

Претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски, ги поддржа нивните барања и оцени дека надоместокот не е соодветен на одговорноста и условите во кои ја извршуваат функцијата.

„Надоместокот од 570 до 670 денари не се исплаќа по рочиште, туку за цел ден. Судија-поротник може во текот на еден ден да присуствува и на десет судења, а да добие ист надоместок“, изјави Камбовски.

Тој посочи дека правилникот со кој се уредуваат надоместоците е стар повеќе од 15 години и дека Судскиот совет во повеќе наврати побарал од Министерството за правда и Владата да се донесе ново решение. Според Законот за судовите, судиите-поротници имаат право на надоместок, а неговата висина и начинот на исплата се уредуваат со правилник што го донесува министерот за правда.

Кривичниот суд соопшти дека ја разбира одлуката за протест и дека поротниците заслужуваат достоинствен надоместок што ќе го одразува значењето на функцијата. Од Судот предупредуваат дека без нивното учество значителен број постапки не можат непречено да се одвиваат.

Поротниците учествуваат во судските совети заедно со професионалните судии и имаат право да гласаат при донесувањето на судските одлуки. Нивната функција е јавна, мандатот трае четири години, а ги избира и разрешува Судскиот совет.

Со неодамнешните законски измени била зголемена старосната граница за вршење на функцијата од 60 на 67 години, со што било исполнето едно од барањата на поротниците. Прашањето за дневниот надоместок сè уште не е решено.

Камбовски предупреди дека без подобри услови државата може да се соочи со недостиг од судии-поротници и побара Министерството за правда да донесе нов правилник со повисоки надоместоци.

Најчитано