Македонско-тајванската врска: една средба, голема криза со Кина

Една протоколарна фотографија од Собранието, на која потпретседателот Антонијо Милошоски и двајца пратеници примаат делегација од Тајван, за едно деноноќие прерасна во дипломатска мини-криза. Македонско-тајванската врска повторно ја вознемири Кина, а малата држава на Балканот се најде помеѓу старите ветувања кон Пекинг и новите апетити за партнери и инвестиции.

Амбасадата на Народна Република Кина во Скопје реагираше со ретко остар тон. Во отворено писмо средбата со претставниците на „Претставништвото на Тајпеј во Италија“ ја нарече „тежок погрешен чин“ што го крши принципот „една Кина“, политичка обврска што Северна Македонија ја презела при воспоставувањето дипломатски односи со Пекинг и став што, како што потсетува амбасадата, неодамна го потврдиле претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и премиерот Христијан Мицкоски.

Кинеската страна оди и чекор понатаму: предупредува дека средбите со тајвански претставници испраќаат „погрешен сигнал“ кон сепаратистичките сили за независност на Тајван и „ја поткопуваат политичката основа“ на билатералните односи. Во писмото, Милошоски е прозван поимено – како поранешен шеф на дипломатијата и претседавач со собраниската Комисија за надворешна политика, од него се очекувало „да биде апсолутно свесен“ за чувствителноста на темата. Амбасадата му поставува и серија реторички прашања: дали грубото кршење на политичките ветувања е во интерес на меѓународниот имиџ на земјата, дали се пресметани последиците од „повредата на чувствата на 1,4 милијарди пријателски кинески граѓани“ и дали „напуштањето на огромен пазар“ вреди за краткорочен политички поен.

Симболиката не е небитна. Собранието вчера официјално се пофали со средбата на своите канали, но откако реакцијата на амбасадата стана јавна, објавата на веб-страницата на парламентот исчезна – линкот водеше кон празна страница. Жестокиот демарш од Пекинг формално е адресиран само до Милошоски, иако на средбата биле и пратениците Фатмир Битиќи и Рашела Мизрахи.

Ова не е првпат кинеската дипломатија директно да се обиде да ја пресече македонско-тајванската врска. Уште минатата година, како што документира Асошиејтед прес, кинески дипломат му се јавил на Милошоски – тогаш како член на Интерпарламентарната алијанса за Кина (IPAC) – со порака да се откаже од патување на самит во Тајван. Слични притисоци биле упатени и до пратеникот Фатмир Битиќи. И покрај тоа, делегацијата во Тајпеј сепак отпатува.

Паралелно со собраниската епизода, во Скопје се гради и поинаква економска рамка на истата приказна. Бизнис конфедерацијата на Северна Македонија деновиве организира форум посветен на идните перспективи на соработка меѓу Македонија и Тајван, со фокус на дигиталната индустрија, „паметни градови“ и технолошки партнерства. Пораката од настанот, како што многу директно ја сумира „Независен весник“, е: „Тајван се враќа во Македонија“. Според организаторите, силниот ИТ-сектор во земјава и технолошката моќ на Тајван се природно компатибилни, но на Тајпеј – велат – му требаат повеќе информации за локалниот екосистем.

Зад денешната дипломатска нервоза стои долг и болен контекст. Македонија еднаш веќе одигра високо-ризична партија со Тајван. Во јануари 1999 година владата го призна островот и воспостави дипломатски односи, привлечена од ветената „тајванска милијарда“. Кина реагираше со прекин на односите и вето во Советот за безбедност на ОН, со што пропадна и мисијата УНПРЕДЕП.

По смената на власта во 2001 година, Скопје ги обнови односите со Пекинг, а аферата со нереализираните милијарди остана како предупредување за цената на импровизирана геополитика. Анализите потсетуваат дека тогашната „тајванска авантура“ ѝ донесе на земјата дипломатска изолација и економски притисоци, без да ги испорача најавените инвестиции.

Токму затоа, денешниот потег доаѓа во момент кога официјалните односи со Кина се формално стабилни: годинава се одбележуваат 30 години од нивното воспоставување, а пред само две недели претседателката Сиљановска-Давкова и министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски ги примија акредитивните писма на новата кинеска амбасадорка Џианг Сјаојен, нагласувајќи „пријателско партнерство“ и континуитет во почитувањето на принципот „една Кина“.

Кинеската реакција не е изолиран случај – таа следи матрица применета и кон други мали држави кои дозволиле поголемо институционално присуство на Тајван. Кога Литванија му даде можност на Тајван да отвори де факто амбасада во Вилнус, Пекинг ги деградираше дипломатските односи и воведе трговски рестрикции, оставајќи силна порака до остатокот од ЕУ што значи „црвената линија“ на Пекинг.

Во таа рамка, македонско-тајванската врска станува тест колку новата власт има јасна и координирана стратегија. Економските форуми и парламентарната дипломатија можат да отворат врати за технолошки партнери и нови пазари, но линијата меѓу економско зближување и политичко признание е тенка – особено кога другата страна во игра е глобална сила чувствителна на секој симбол. Прашањето не е дали Македонија има право да бара нови сојузници, туку дали знае каде точно се наоѓа границата после која „една средба“ станува „голема криза“ со последици што се мерат во години, а не во лајкови под собраниски објава.

Зачлени се на нашиот е-билтен