Европската интеграција на Западен Балкан веќе не е само прашање на проширување, туку стратешка инвестиција во безбедноста, стабилноста и конкурентноста на Европа, порача министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, од Софија.
Муцунски учествуваше на Состанокот на министрите за надворешни работи на Процесот за соработка во Југоисточна Европа, кој се одржува во рамки на бугарското претседавање со оваа регионална иницијатива. Годинашниот состанок е посветен на 30-годишнината од формирањето на ПСЈИЕ и се одржува под мотото „Заеднички компас за стабилен, безбеден и одржлив регион – 30 години регионална сопственост и европска аспирација“.
Во своето обраќање, Муцунски оцени дека ПСЈИЕ останува една од најзначајните платформи за политички дијалог и регионална соработка, особено во период на војна во Европа, хибридни закани, дезинформации, енергетска несигурност и сајбер-напади.
„Проширувањето веќе не е само технички пристапен процес, туку стратешка инвестиција во безбедноста, стабилноста и конкурентноста на Европа. Безбедна и просперитетна Европа не може да биде целосна без целосна интеграција на Западен Балкан“, порача Муцунски.
Тој ја повтори посветеноста на Северна Македонија кон членството во Европската Унија, нагласувајќи дека кредибилитетот на процесот на проширување зависи од почитувањето на преземените обврски, предвидливоста и принципот на заслуги.
„На Западен Балкан му е потребен европски пат заснован на резултати, а не на постојано одложување“, рече Муцунски.
Во делот на регионалното поврзување, министерот посочи дека Северна Македонија останува фокусирана на развојот на транспортната, енергетската и дигиталната инфраструктура. Како стратешки важни за регионот и за европската интеграција ги истакна Коридор 8 и Коридор 10.
Муцунски нагласи и дека инвестициите во човечкиот капитал се клучни за долгорочниот развој и конкурентноста на регионот, бидејќи без вложување во луѓето, ниту инфраструктурните проекти ниту економските реформи не можат да го достигнат својот целосен потенцијал.
На состанокот во Софија била усвоена и Заедничка декларација со која се реафирмира поддршката за европската интеграција на регионот, добрососедските односи, демократските вредности и заедничките напори за поотпорен и поконкурентен регион.
Процесот за соработка во Југоисточна Европа е основан во 1996 година токму во Софија и претставува најстарата регионална платформа за политички дијалог и соработка во Југоисточна Европа.
