Контаминираните индустриски подрачја и историските еколошки жаришта во Македонија се оставени без соодветен правен основ и институционален надзор по бришењето на одредбите од Законот за животна средина, соопштија денеска од граѓанската организација „Еко-свест“. Поради ваквиот правен вакуум, организацијата достави официјално барање до Министерството за животна средина и просторно планирање, со кое бара итно забрзување на постапката за донесување на специјализираниот Закон за заштита на почвите и негово неодложно објавување на Националниот електронски регистар на прописи (ЕНЕР).
Поради создавањето на правна празнина во управувањето со контаминираните подрачја во земјата, Еко-свест упатува барање до Министерството за животна средина и просторно планирање за забрзување на постапката за донесување на Законот за заштита на почвите.
Со последните измени и дополнувања на Законот за животна средина, одредбите за управување со контаминираните подрачја беа избришани, со што овие локации се оставени во недостаток на законски основ и соодветен режим за управување, предупредуваат од Еко-свест. Според нив, доцнењето со финализирањето на Законот за заштита на почвите дополнително го продлабочува овој проблем и оневозможува навремено спроведување на системска заштита.
„Навременото објавување на нацрт-текстот е од суштинско значење за обезбедување транспарентен, отворен и инклузивен процес. Преку отворање на јавна консултација, стручната и пошироката јавност, граѓанските организации, и сите засегнати субјекти ќе добијат можност навреме да се запознаат со предложените решенија, да дадат конкретен придонес и да помогнат во идентификувањето на потенцијалните предизвици при неговата примена.“- изјави Марко Гучески, еколошки правник во Еко-свест.
Нацрт- Законот за заштита на почвите е изработен од страна на надворешни експерти и доставен до Министерството за животна средина и просторно планирање. Следниот чекор е негово објавување и донесување.
Затоа, Еко-свест во текот на вчерашниот ден достави барање до Министерството за животна средина и просторно планирање за итно преземање на следните активности.
- Забрзување на постапката: Итно објавување на нацрт-законот за заштита на почвите на ЕНЕР,
- Навремена јавна консултација: Започнување на консултативниот процес во најкус можен рок, со обезбедување соодветен временски период за доставување коментари, мислења и предлози.
- Инклузивност и информирање: Активно информирање и вклучување на сите релевантни засегнати страни, вклучително и преку организирање јавна расправа или консултативни средби.
„Имајќи ги предвид предизвиците со кои се соочува нашата земја со еколошките жешки точки, односно контаминираните подрачја и историското загадување на најмалку 13 локации во Македнија, донесувањето на Законот за заштита на почвите треба да се смета за приоритет“ велат од Еко-свест.

