На Антарктикот пристигнува тим за спасување на најјужната пошта во светот

фото: Liam Quinn

Британски тим експерти тргнува на Антарктикот во мисија за спасување на историската станица Порт Локрој, во која се наоѓа најјужната пошта во светот. Објектите, стари повеќе од 80 години, се соочуваат со сериозни оштетувања поради климатските промени и сè поекстремните временски услови.

Порт Локрој се наоѓа на островот Гудиер, покрај Антарктичкиот Полуостров. Некогашна британска истражувачка база, денес е историска локација со музеј, пошта и колонија од повеќе од илјада пингвини од видот џенту.

Според Би-Би-Си, британската добротворна организација UK Antarctic Heritage Trust ја спроведува втората година од тригодишната програма за зачувување на станицата.

Оваа сезона експертите ќе поставуваат дополнителни носачи и потпори за да ги зајакнат старите градби, кои се изложени на зголемени врнежи и поголеми снежни оптоварувања.

Минатогодишните проверки откриле сериозни конструктивни слабости, поради што организацијата започнала обемни конзерваторски работи.

Во мисијата учествуваат специјалисти за реставрација, одржување историски објекти и спасување во планински услови. Тимот ќе престојува околу пет месеци на една од најизолираните локации во светот.

Покрај заштитата на зградите, експертите ќе ја следат и состојбата на локалната колонија пингвини.

Антарктичкиот Полуостров е еден од регионите што најбрзо се затоплуваат. Промените во температурата, снегот и врнежите создаваат нови предизвици за зачувувањето на историските објекти, но и за природните живеалишта.

За британската организација, зачувувањето на Порт Локрој не значи само спасување на неколку стари згради. Станува збор за заштита на дел од историјата на научните истражувања на Антарктикот, на место каде што последиците од климатските промени стануваат сè повидливи.

Рацин.мк ве прашува:

Кој е најодговорен за тоа што Македонија сè уште се задушува во диви депонии?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кој е најодговорен за тоа што Македонија сè уште се задушува во диви депонии?