Герасимовски повика на обединување на СДСМ против власта

Потпретседателот на СДСМ и градоначалник на Центар, Горан Герасимовски, повика на обединување на партијата и зајакнување на опозициското дејствување, оценувајќи дека незадоволството од власта на ВМРО-ДПМНЕ е големо и дека СДСМ треба да понуди политичка алтернатива.

Во интервју за Дневникот на Сител, Герасимовски изјави дека СДСМ е во процес на консолидација, а приоритет во следниот период треба да бидат зајакнувањето на партиските капацитети, обединувањето на членството и враќањето на довербата кај граѓаните.

„Во тек е консолидирање на партијата. Треба да покажеме резултати, да ги сплотиме сите поделени страни, да седнеме заедно на маса и да ја вратиме партијата на победничките шини“, изјави Герасимовски.

Тој смета дека актуелната власт се соочува со растечко незадоволство кај повеќе категории граѓани и дека СДСМ треба да го искористи тој политички простор со конкретна програма и обединет настап.

„ВМРО-ДПМНЕ е во слободен пад. Има голем број неопределени гласачи кои се незадоволни од власта, а тоа треба да се искористи. Незадоволството е големо кај бизнисмените, граѓаните, земјоделците и администрацијата. Затоа СДСМ мора да се екипира и да се сплоти во заеднички фронт против власта“, рече Герасимовски.

Според него, за враќање на политичката доверба неопходни се внатрепартиска соработка, отворен дијалог и заедничка стратегија. Различните ставови во партијата, како што посочи, не треба да бидат пречка за заедничко дејствување.

„Моја заложба и цел е да ги помирам спротивставените страни. Добро е за секоја партија да има различни ставови, но тоа треба да нè прави посилни. На крајот на денот треба да седнеме сите на маса, да се обединиме и да тргнеме во победа“, изјави тој.

Герасимовски оцени дека постои простор за надминување на несогласувањата во СДСМ, вклучително и со членовите кои имаат поинакви ставови за функционирањето на партијата. Според него, за постигнување заеднички позиции е потребна подготвеност за разговор од сите страни.

Тој нагласи дека изборот за потпретседател на СДСМ за него претставува чест и одговорност, особено во период кога партијата настојува да ги зајакне своите редови и повторно да ја добие поддршката на гласачите.

Герасимовски порача дека СДСМ треба да се фокусира на политичкото дејствување против актуелната власт, со обединето членство и јасна стратегија за враќање на довербата кај граѓаните.

Рацин.мк ве прашува:

Кој е најодговорен за тоа што Македонија сè уште се задушува во диви депонии?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кој е најодговорен за тоа што Македонија сè уште се задушува во диви депонии?