Премиерот Христијан Мицкоски со остра порака одговори на тврдењата на бугарската влада дека нејзините институции не учествувале во бегството на Ива Михаилова од Македонија. „А што очекувате, да кажат дека учествувале во такво нешто?“, изјави Мицкоски, оставајќи отворено сомневање за евентуална вмешаност на бугарските власти.
Реакцијата следува откако бугарското Министерство за надворешни работи соопшти дека институциите во Софија не биле однапред известени и не учествувале во организирањето на заминувањето на Михаилова во Бугарија.
Мицкоски оцени дека случајот веќе ѝ нанел дипломатска штета на бугарската влада и најави дека Македонија ќе ги искористи меѓународните механизми за да побара враќање на Михаилова и нејзиниот татко.
„Ние имаме како да се бориме на меѓународна сцена. Овој неуспешен обид нанесе голема дипломатска штета врз Владата во Софија. Тоа е нивен проблем, а наш проблем е да ги вратиме бегалецот и бегалката, кога-тогаш“, изјави премиерот.
Тој ги отфрли и обвинувањата дека заминувањето на Михаилова било однапред договорено меѓу македонските и бугарските власти, оценувајќи дека со реакцијата од Софија се демантирани и тврдењата на домашната опозиција.
„Со одговорот на бугарските власти најпрво паднаа во вода координираните напади што доаѓаа оттаму и од нашата опозиција дека нешто било договорено. Имаме потерница и очекуваме родителот на Ива, кој е осуден, да биде вратен, а Ива да дојде и да ја докажува невиноста пред судовите во Македонија“, рече Мицкоски.
Иако со својата изјава отвори сомневање за евентуална вмешаност на бугарските институции, премиерот не изнесе докази што би го потврдиле тоа. Тој порача дека треба да се почекаат резултатите од истрагата.
„Оставете да видиме што ќе покаже истрагата, а за тоа ќе ги запознаеме нашите меѓународни партнери“, изјави Мицкоски.
Случајот со Ива Михаилова предизвика нови тензии меѓу Скопје и Софија, откако таа ја напушти Македонија и замина во Бугарија и покрај судските мерки со кои ѝ беше ограничено движењето и забрането преминување на државната граница.
Михаилова е обвинета во судска постапка поврзана со сообраќајна несреќа со смртни последици, а нејзината кривична одговорност сè уште не е утврдена со правосилна пресуда.
Македонските институции истражуваат како ја напуштила државата, додека бугарските власти досега не најавиле нејзина екстрадиција.

