Хрватската полиција утрово започна со приведување членови на навивачката група „Торцида“, по нацистичките и антисемитските скандирања за време на вчерашната навивачка поворка во Сплит, пред натпреварот меѓу Хајдук и Ајакс. Според хрватските медиуми, идентификувани се најмалку десетина лица осомничени за јавно поттикнување омраза и насилство.
За време на организираното движење на навивачите кон стадионот „Пољуд“, дел од присутните извикувале пароли со кои се величеле Адолф Хитлер и нацизмот, се споменувал концентрациониот логор Аушвиц и се повикувало на насилство врз Евреите.
Според „Слободна Далмација“, меѓу идентификуваните има и лица кои претходно биле познати на полицијата. Над нив се спроведува криминалистичка истрага поради сомневање за јавно поттикнување насилство и омраза, дело за кое хрватскиот Кривичен закон предвидува затворска казна до три години.
Инцидентите предизвикаа остри реакции во Хрватска. Претседателот Зоран Милановиќ ги осуди нацистичките испади, а премиерот Андреј Пленковиќ го осуди антисемитизмот. Реагираа и претставници на опозициските партии, кои побараа одговорност и санкции за сторителите.
Израелската амбасада во Хрватска изрази длабока вознемиреност од антисемитските пораки и побара од надлежните институции решителна реакција.
На инцидентите им претходеа и судири меѓу навивачите на Хајдук и Ајакс. Во средата вечерта полицијата интервенирала во центарот на Сплит за да спречи судир меѓу неколку стотици навивачи, при што биле приведени 57 лица.
Натпреварот меѓу Хајдук и Ајакс заврши со победа на домашниот тим од 2:1, но беше привремено прекинат поради пиротехника и густ чад од трибините.
Полициската истрага продолжува, а засега нема конечни информации за вкупниот број приведени во новата акција

