Владата против пензионерите, цел живот работи, цел живот спиј, исто ти се фаќа!

Во само неколку дена дебатата за тоа дали линеарното покачување на пензиите е праведно се претвори во политичка војна во која пензионерите се користат како жив штит. Наместо сериозна расправа за тоа дали моделот ги оштетува оние што плаќале повисоки придонеси и работеле подолго, Владата крена цела ПР армија – од собраниски говорници, преку владини профили, до радикални партии – со една порака: кој го чепка законот, им ги зема парите на пензионерите.
Пишува: Леон БАКРАЧЕСКИ

Фактите се поедноставни од драмата. Уставниот суд поведе постапка само за последното линеарно зголемување од 2.000 денари – 1.000 што веќе се исплатени од септември и 1.000 најавени за март – и ќе оценува дали со ова решение се нарушува еднаквоста и правната сигурност, бидејќи годините стаж и висината на уплатените придонеси се ставени во втор план. Претходните 5.000 денари од првата година на мандатот воопшто не се предмет на овој спор и остануваат како што се.

Токму околу овие 7.000 денари премиерот Христијан Мицкоски го гради наративот за најголемата „социјална победа“ на својата влада: „ветивме – исполнивме“, со јасна бројка за да може лесно да се продава на митинзи и во видеа. Линеарното покачување е претставено како симбол на „правда за сите“, иако бројките покажуваат дека пензионер со 12.000 денари пензија и пензионер со 30.000 денари добиваат исто номинално зголемување, што реално ја поништува разликата создадена со повеќе години работа и повисоки уплати, елем цел живот работи, цел живот спиј, исто ти се фаќа!

Кога Уставниот суд одлучи да провери дали овој модел е уставно одржлив, почна ПР офанзивата. Пратеникот Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ излезе со теза дека „СДСМ преку Добрила Кацарска“ врши опструкции, дека уставната судијка е „продолжена рака“ на опозицијата и дека лично поднела претставка за да им го земе покачувањето на пензионерите. Во медиумскиот етер ова се преведе во едноставна, опасно емоционална формула: СДСМ сака да ви ги земе парите, ние сме тие што ви ги дадоа.

Уставниот суд одговори со невообичаено остар тон. Во соопштението се вели дека оваа кампања против судијката Кацарска и Судот е „реторика заснована на лаги и манипулации“ и директен напад врз независноста на институцијата, и дека прашањето на пензиите не смее да се користи како алиби за политичко влијание врз судиите. Судот потсетува дека одлуките се носат со мнозинство, а не со „една судијка“, и предупредува дека ваквата реторика создава погрешна перцепција дека одлуките се политички нарачки.

Во истата матрица удобно се вклопи и соопштението на „Единствена Македонија“, објавено на Макфакс. Партијата ја обвинува Судот дека „се мајтапи со народот“ затоа што ја брани Кацарска како судијка со интегритет и ја поврзува нејзината функција со пресудите за 27 април, зборувајќи за „срамен пазар“ и „темно минато“. Така се гради уште порадикална верзија на истата приказна: не само што Уставниот суд сака да им ги земе парите на пензионерите, туку тоа го прави и како наводна „марионета“ на поранешната власт.

Резултатот е класична ПР конструкција во повеќе слоеви. Владиниот наратив ја претвора уставната дебата во борба „народот против елитата“: или сте со нас и со нашите 7.000 денари, или сте со Кацарска, СДСМ и „неправедниот суд“. Паралелно, политичките сателити како „Единствена Македонија“ ја радикализираат истата приказна, користејќи зборник кој одамна не е правно, туку чисто политичко оружје. Пензионерите во ова сценарио не се субјекти, туку публика која треба да биде исплашена и мобилизирана.

Во сенка на оваа галама останува суштинското прашање: дали моделот „сите по 1.000“ и „сите по 2.500“ е одржлив и правичен за систем кој почива на принципот дека повисоките уплати носат повисоки права? Анализите на економските портали и на самиот Уставен суд се јасни – линеарното покачување може да создаде дискриминација меѓу пензионерите, да ги казни оние со најдолг стаж и да го разниша довербата во пензискиот систем. Но наместо да се разговара за тоа како да се коригира неправдата без да се укине помошта за најсиромашните, Владата избра да го претвори спорот во медиумска војна.

Така тезата „Владата против пензионерите“ не значи дека премиерот директно им ги крател пензиите, туку дека целата ПР машинерија – од официјални профили до политички сателити – е насочена кон тоа да ги претвори пензионерите во монета за поткусурување. Наместо да им објасни смирено што точно оценува Судот и да каже јасен план за праведно усогласување, власта избра да го нахрани стравот: ако се побара уставност, може да останете без покачување. А во држава со кревки институции, стравот секогаш е најевтиното, но и најскапото ПР средство.

Зачлени се на нашиот е-билтен