Седум месеци по правосилната пресуда, осудените за Ласкарци сè уште не се зад решетки. Наместо во „Идризово“, државата ги „брои“ нивните болнички операции и неуспешните полициски потраги, додека семејствата на загинатите повторно ја слушаат истата приказна: казната може да чека, човечкиот живот – не.
Автобусот на „Дурмо турс“ се преврте кај Ласкарци во 2019 година, одземајќи 16 животи и повредувајќи повеќе од 30 патници. По долг и мачен судски процес, Апелациониот суд Скопје на 9 мај годинава му ја зголеми казната на сопственикот на компанијата, Дурмиш Белули, од четири на десет години затвор, а на одговорното лице за транспорт, Ремзи Мифтари, од шест на десет години. Пресудите се правосилни – но осудените за Ласкарци и натаму се на слобода.
Формално, системот си ја завршил работата: Основниот суд во Гостивар издал упатни налози, а судијата за извршување санкции дозволил одложување на казните поради медицински оправдувања. Но, додека на Белули му се прифаќа ново одложување поради операција, Мифтари одамна го проби рокот за јавување во затвор. Затворот „Идризово“ на 7 ноември го известил судот дека правосилно осудениот не се појавил за да ја започне казната, а МВР објави дека го барале на домашна адреса, но не го нашле и дека на граничните премини сè уште не е евидентирано негово излегување од државата.
Така, на хартија, државата го бара бегалецот што формално не е побегнат – бидејќи нема доказ дека ја преминал границата. Во пракса, пак, пораката е поинаква: со доволно добар адвокатски тим, со неколку медицински потврди и со малку „креативна“ логистика, патот од судница до затвор може да се развлекува во недоглед. Оваа „сивa зона“ меѓу правосилната пресуда и реалното извршување на казната е токму просторот во кој довербата во правосудството се топи, а чувството на неказнивост станува правило, а не исклучок.
Болката на семејствата од Ласкарци дополнително се преклопува со таа на блиските на страдалниците од другите големи трагедии во последната деценија. Денес се навршија четири години од несреќата на автопатот „Струма“ во Бугарија, кога автобус на „Беса транс“ се запали по удар во заштитна ограда, а животот го загубија 45 македонски државјани, меѓу кои 12 деца. Само седум патници успеаја да се спасат од огнениот пекол.
Во македонскиот дел од постапките, сопственикот на „Беса транс“, Беким Хаџиу, доби една година и осум месеци затвор за фалсификување документи – откако беше утврдено дека автобусите на фирмата минувале граници со фалсификувани изводи од лиценци за меѓународен превоз, а самата компанија беше казнета со парична казна и четиригодишна забрана за меѓународен превоз. Во бугарската истрага, главна причина за несреќата беше прогласена „човечка грешка“, неприспособена брзина и губење контрола врз возилото. Формално, системот и тука најде виновник – но семејствата и јавноста не добија одговор на многу поширокото прашање: кој ја дозволи оваа практика да трае, кој гледаше на другата страна додека превозници со проблематична документација непречено минуваа граници?

