Зеленски: Украинскиот отпор на фронтот е основата за преговори

Во редовното вечерно обраќање на Зеленски до сонародниците, реча дека одбраната претставува основа Украина да се залага за своите интереси во преговорите

Украинскиот претседател Володимир Зеленски им се заблагодари на војниците на својата земја за нивната непоколебливост во одбраната на Украина и повика на нивна континуирана упорност, јави денеска ДПА.

Во неговото редовно вечерно обраќање до сонародниците, тој додаде дека нивната одбрана претставува основа Украина да се залага за своите интереси во преговорите, а како пример ги посочи актуелните битки во Купјанск, Покровск и Хуљаиполе, пренесе германската агенција.

Русија ја шири идејата низ целиот свет дека Украина не може да се одбрани. 

„Дневните резултати во борбата се аргументи зошто вреди да се застане покрај Украина и да ѝ се помогне, и дека притисокот за мир не треба да биде врз Украина, туку врз Русија“, рече украинскиот претседател.

Тој додаде дека Русија е единствената причина зошто војната се влече толку долго.

Владата на САД под раководство на Доналд Трамп минатата недела објави мировен план што бара тешки отстапки од Украина и веќе беше означен од критичарите како руска „листа на желби“, но во првичните преговори што следеа, наведуваат од украинска страна, некои точки од планот се ублажени, потсетува ДПА.

Меѓутоа, не е јасно дали Русија ќе се согласи со ваквата изменета верзија на планот. Москва не отстапува од своите воени цели и сè уште инсистира на големи територијални отстапки од својот сосед во своја корист, откажување од членството во НАТО и војска која е способна само за ограничена одбрана.

Зачлени се на нашиот е-билтен