Трамп верува дека мировниот договор е остварлив по новата рунда разговори меѓу САД и Украина

Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа оцени дека има реални изгледи за напредок во мировниот процес, по средбата меѓу украинската делегација и високи претставници на неговата администрација, посветена на изнаоѓање решение за војната во Украина.

Во изјава дадена во авионот „Ер Форс Уан“, Трамп повтори дека Украина се соочува со „одредени потешкотии“ и додаде дека неодамнешните корупциски скандали „не ѝ одат во прилог“ на земјата. Иако не одговори директно дали тоа може да го забави преговарачкиот процес, претседателот сепак истакна дека „постојат добри шанси да се постигне договор“.

Тој уште еднаш посочи дека и Москва и Киев имаат интерес да го прекинат конфликтот. Претседателот потврди дека неговиот специјален пратеник Стив Виткоф во наредните денови треба да отпатува во Москва на средба со рускиот претседател Владимир Путин, иако точниот датум сè уште не е утврден.

Средбата во Флорида, на која учествуваа Виткоф, државниот секретар Марко Рубио и други американски претставници, претставува дел од поширокиот дипломатски ангажман за дефинирање на можен мировен план. На снимките објавени на социјалните мрежи, Рубио го оцени разговорот како „многу продуктивен“ и посочи дека е направен „дополнителен напредок“. Но, тој предупреди дека процесот е комплексен и дека за вистински исчекор неопходно е активно вклучување на руската страна, што се очекува со посетата на Виткоф во Москва.

Шефот на украинската делегација, Рустем Умеров, исто така проговори оптимистички. Тој изјави дека средбата била „продуктивна и успешна“, нагласувајќи дека дискусиите биле насочени кон „иднината на Украина и сè што е од суштинско значење за украинскиот народ“. Умеров подвлече дека САД продолжуваат да даваат значајна поддршка, но не откри детали за содржината на разговорите.

Во однос на американскиот мировен план од 28 точки, кој претходно беше објавен и остро критикуван како „руски список на желби“, германската агенција ДПА потсетува дека документот подоцна бил ревидиран заеднички со европските партнери и Киев. Сепак, неколку прашања остануваат нерешени и ќе бидат дел од следните дипломатски чекори.

Зачлени се на нашиот е-билтен