Томислав Османли е добитник на Големата награда „Амилкаре Солферини“

Османли

На свеченоста по повод 2. интернационален поетски конкурс „Amilcare Solferini“ за текстови на француски јазик, соопштено е дека Големата Награда на Жирито му припаднала на македонскиот писател Томислав Османли. Османли наградата ја добива за песната насловена „Вистинската сила“. Според правилата на конкурсот објавен годинава за единечна поетска творба на слободна тема, песната од дваесет стихови, што на француски јазик ја преведе самиот автор, го носи насловот La vraie force.  Инаку книжевните творби на конкурсите на оваа литературна институција од Торино вклучуваат творби на стандарден италијански, на пиемонтски дијалект, на англиски и во овој случај, на франсуски јазик. Песната на нашиот автор, пишувана во вид на љубовна реминисценција, ја афирмира човечката љубов како лична страст, но и како несовладлива општествена сила. Нејзините универзални поетски и актуелни значења највисоко ги потврдува одлуката на жирито на меѓународниот конкурс. 

Наградата го носи името на Амилкаре Солферини, инаку псевдоним на Виторио Актис (Торино, 27 март 1870 – Торино, 20 април 1929), италијански писател, поет, актер и драматичар, автор на драми, пишувани првенствено на пиемонтски дијалект. Тој бил и новинар и главен уредник на книжевно списание. Една улица во населбата Парела во Торино е именувана по писателот Виторио Актис. Во негова чест, почнувајќи од 2015 година, се организира Големиот национален книжевен конкурс. На свеченото матине, беа доделени признанија и за уште неколку конкурса на истата поетска установа, како и специјални спомнувања по 2. конкурс на кој главен добитник е македонскиот автор. Вчера, во посебна порака проследена со дипломата за прогласувањето, на Османли му беше соопштено: „You have won the GRAND JURY PRIZE given to a selected group of Poets only.“ 

Иако е познат како прозаист, романописец и драмски автор, Томислав Османли е автор и на неколку поетски творби, како во стих, така и во проза. Неговата најголема стихувана творба е големата поема „Бдеења Блажеви“ (издание на „ВИГ Зеница“, Скопје, 2021) во која низ близу илјада стихови, авторот го гради возбудливиот, ангажиран омаж на Блаже Конески, корифејот на македонската лингвистика и литература. Поемата на Османли доби суперлативи од повеќе домашни книжевни творци. 

Инаку, покрај оние за неговите прозни дела, најновата, Голема награда „Amilcare Solferini“ е втората меѓународна награда што Османли ја добива за единечна поетска творба. Во 2018-та стана прв лауреат италијанската награда „Angelo LaVecchia-Анте Поповски“ за песната „Љубов“ („L’Amore“ која од македонски јазик, на италијански јазик ја преведе Билјана Билјановска) која од тогаш секоја година се доделува во универзитетскиот центар Canicattì на Сицилија.

Цеременијата на прогласувањето на пиемонтските поетски награда, се одржа на 30 ноември во Castello di Pavone во месноста Павоне во Торино. Во пораката на организациониот одбор на наградата до нашиот автор се вели: „Почитуван, средбата со вашата поезија беше момент што никогаш нема да го заборавиме, благодарение на емоцијата што ја пренесе вашата песна: песна што беше најмногу ценета од жирито.“

Зачлени се на нашиот е-билтен