Поранешната шефица на европската дипломатија Федерика Могерини и високиот функционер на Европската комисија Стефано Санино се пуштени на слобода, но остануваат официјално осомничени за измама и корупција во случајот што европските медиуми веќе го нарекуваат „EEAS-gate“. Европското јавно обвинителство (EPPO) соопшти дека двајцата, заедно со уште еден раководен кадар од Колеџот на Европа во Бриж, по задржување и сослушување биле формално известени за обвиненијата, а потоа ослободени бидејќи не се сметаат за ризик од бегство.
Истрагата на EPPO се однесува на доделувањето на проектот „Европска дипломатска академија“ – деветмесечна програма за обука на млади дипломати, финансирана од ЕУ, што во периодот 2021–2022 година Европската служба за надворешно дејствување (EEAS) му ја доделила на Колеџот на Европа. Обвинителството испитува дали Колеџот и неговите претставници однапред имале доверливи информации за тендерот, со што би биле нарушени правилата за фер конкуренција и би бил наместен исходот во нивна полза.
Според официјалното соопштение, тројцата осомничени се соочуваат со сериозни обвинувања: измама при јавни набавки и корупција, судир на интереси и повреда на професионална тајна. Претреси беа извршени во седиштето на EEAS во Брисел, во објектите на Колеџот на Европа во Бриж, како и во домовите на осомничените, со поддршка и од европската служба за борба против измама (OLAF). Сите тројца формално се под истрага, но засега без мерка притвор.
Случајот предизвика шок во Брисел, бидејќи Могерини беше едно од највидливите лица на ЕУ: висока претставничка за надворешна и безбедносна политика од 2014 до 2019 година и од 2020 ректорка на Колеџот на Европа. Санино, пак, е долгогодишен дипломат кој до почетокот на годинава беше генерален секретар на EEAS, а сега раководи со директоратот на Европската комисија за Блискиот Исток, Северна Африка и Заливот. Обајцата засега јавно не коментираат, а EPPO потсетува дека сите осомничени се сметаат за невини сè додека судот не одлучи поинаку.

