Планот на британската влада за т.н. „центри за враќање“ на мигранти повторно ја отвори чувствителната тема за тоа дали Македонија може да стане дестинација за лица чии азилни барања се одбиени во Обединетото Кралство. Најголемите британски медиуми синоќа објавија дека британскиот премиерт Стамер постигнал договор со македонската влада за градење на бегалски кампови во замена за британскиот кредит кој и беше ставен на располагање на Македонија.
Додека дел од британските медиуми објавуваат дека Лондон започнал формални преговори со Скопје за воспоставување таков центар на наша територија, македонската влада останува на ставот дека во земјата нема да има мигрантски кампови и дека договорот со Британија се однесува исклучиво на полициска соработка и заштита на границите.
Според написите во британската печатена и онлајн сцена, планот на владата на Кеир Стармер предвидува нелегалните мигранти кои стигнуваат во Британија, откако ќе им биде одбиен азилот и ќе ги исцрпат сите жалбени постапки, да бидат префрлани во трети земји – меѓу кои и Македонија. Наместо тие лица да останат на британска територија, би биле депортирани во држави партнери, каде би добиле можност да побараат азил или работна виза.
Во овие текстови се наведува дека разговорите меѓу Лондон и Скопје започнале есенва, како дел од поширока група преговори што Британија ги води со неколку држави од Западен Балкан и други региони. Мерките се претставуваат како дел од стратегијата на премиерот Стармер да го обесхрабри опасното преминување на Ламанш со мали чамци – криза за која официјален Лондон признава дека засега нема „ефективно средство за одвраќање“.
Она што дополнително привлекува внимание во овие извештаи е финансискиот дел од понудата. Британија, наводно, би се обврзала да плаќа обештетување „по глава“ примено лице и да обезбеди инвестиции во инфраструктурата, како и поддршка во безбедноста и одбраната, вклучително и во контекст на руските закани. Во пакетот се споменуваат и можности за вработување на мигранти во сектори со недостаток на работна сила, како градежништвото, доколку тие одлучат да останат во земјата.
За разлика од пропаднатиот план со Руанда на претходната конзервативна влада, каде мигрантите требаше да бидат испраќани веднаш по пристигнувањето без да им се разгледаат азилните барања, моделот што се опишува сега се однесува на лица за кои правно е веќе утврдено дека не смеат да останат во Обединетото Кралство. Формално, тие би имале слобода на движење во земјата домаќин и можност да ја напуштат, но практично би станале дел од регионалниот миграциски притисок на Балканот.
Македонија во оваа приказна се појавува како логична точка на интерес, бидејќи се наоѓа на една од главните рути што мигрантите од Блискиот Исток и Африка ја користат на пат кон Западна Европа. Уште во мај годинава, Британија и земјите од Западен Балкан формираа Заедничка работна група за миграција, со цел да се пресечат балканските рути за криумчарење луѓе и да се разбие мрежата на криминални групи што го организираат нелегалниот транзит. Северна Македонија веќе формално се приклучи на оваа иницијатива.
Британските медиуми истовремено наведуваат дека Лондон преговара и со други држави од регионот. Косово, според изјавите на премиерот Албин Курти, покажало подготвеност да прифати ограничен број лица, но со јасно нагласени ограничени капацитети и барање за возвратна безбедносна поддршка. Босна и Херцеговина, пак, категорично ја отфрлила можноста да прими мигранти од Британија, со образложение дека тоа не би било во национален интерес. Црна Гора се изјаснила дека би размислувала за таков центар само под услов на значителни британски инвестиции во инфраструктурата.
На македонска страна, официјалната слика е поинаква. Британскиот амбасадор Метју Лосон во Скопје јавно изјави дека договорот за стратешко партнерство меѓу Северна Македонија и Обединетото Кралство не предвидува згрижување мигранти или изградба на бегалски кампови, туку се однесува на полициска координација и борба против криумчарењето луѓе. „Не станува збор Македонија да прифаќа мигранти од Британија“, порача амбасадорот, нагласувајќи дека ваков тип соработка Лондон има и со други европски држави.
На истата линија се и ставовите на македонската влада. Вицепремиерот Александар Николоски, кој се појавува како клучен преговарач за договорот со Британија, тврдеше дека во текстот на спогодбата нема никаква одредба за примање мигранти или отворање кампови. Според него, се работи за договор со слична логика како оној со Фронтекс – фокусиран на заштита на границите, размена на информации и поддршка во борбата против нелегалната миграција и шверцот.
Владата го претставува стратешкото партнерство со Лондон како широко рамковно соработување во трговијата, инвестициите, одбраната и разузнавањето, при што миграцијата е само една од точките, ограничена на координирани акции против криминалните мрежи. Во јавните настапи на функционерите, пораката е јасна: во Северна Македонија нема да никнат мигрантски кампови.
Токму тука се отвора јазот меѓу британските и домашните наративи. Во мај, на самитот во Тирана, кога првпат протекоа информации дека Британија бара партнери за т.н. „return hubs“, премиерот Христијан Мицкоски на прашање на новинар од Sky News одговори дека „не, сѐ уште“ нема започнато формални разговори за прифаќање британски азиланти. По средбите со премиерот Стармер, од македонска страна немаше најави дека се разговарало конкретно за центри за мигранти – официјалните соопштенија останаа во рамките на општи формулации за „борба против нелегалната миграција“.
Темата повторно се отвори наесен, кога опозицијата јавно побара одговор од Мицкоски дали договорот со Британија содржи аранжмани за прифаќање мигранти и отворање кампови во Северна Македонија. СДСМ предупреди дека јавноста не е информирана за суштината на договорот и побара целосно објавување на текстот. Владејачката ВМРО-ДПМНЕ возврати дека станува збор за „глупости и измислици“, обвинувајќи ја опозицијата дека шири паника и политички поени.
Во меѓувреме, британските објави не запираат, а домашните деманти остануваат цврсти. Меѓу овие две крајности се наоѓа и распламтената политичка реторика – дел од опозицијата го обвинува Мицкоски дека заради пари ја претвора државата во „мигрантски сервис“ за туѓи проблеми, додека власта возвраќа дека таквите квалификации ја оштетуваат меѓународната позиција на земјата и одвраќаат потенцијални инвеститори.

