Скопје денес е домаќин на меѓународната конференција „Defending Democracy: Horizons of Freedom“, каде политичари, експерти и активисти од Европа, Украина, Западен Балкан и САД дискутираат за тоа како да се одбранат демократските општества од хибридни закани, дезинформации и злоупотреба на вештачката интелигенција. Во овој контекст, поранешниот вицепремиер за европски интеграции Бојан Маричиќ одржа говор во кој предупреди дека Западен Балкан веќе не е само набљудувач, туку „тест-полигон“ за новите форми на информациска војна.
Маричиќ оцени дека синтетичките медиуми – длабоко фалсификувани видеа, аудио-снимки и ВИ-содржини – веќе не се нишна закана, туку станале масовна и лесно достапна алатка. Она што најмногу загрижува, како што нагласи, не е само лажното видео, туку ерозијата на довербата во целина. „Кога граѓаните почнуваат да се сомневаат во сè, од институции до медиуми, тогаш не смеочиме напад само врз фактите, туку врз самата можност за демократска расправа“, порача тој, додавајќи дека за ЕУ тоа е демократски ризик, а за земјите аспиранти како Северна Македонија – ризик по државниот капацитет и кредибилитет.
Во говорот, Маричиќ објасни дека дезинформациите денес не функционираат како една лага што се шири, туку како цел екосистем. Синтетички содржини се комбинираат со алгоритамско засилување, микротаргетирање и монетизација, при што наративите се шират преку различни платформи и граници, често поврзани со геополитички интереси. „Западен Балкан често ги гледа овие кампании порано и поинтензивно од ЕУ-членките. Она што денес се тестира тука, утре може да се појави во срцето на Унијата“, предупреди тој.
Клучен дел од неговата порака беше насочен кон алгоритамската манипулација. Според Маричиќ, она што граѓаните го гледаат онлајн сè помалку е резултат на нивниот избор, а сè повеќе на дизајнот на платформите и препораките на системите. ЕУ веќе реагира со Законот за дигитални услуги, кој ги препознава овие системски ризици. „Но земјите кандидати ги увезуваат истите платформи и ризици, без да имаат иста регулаторна моќ. Така се создава јаз: ние сме во ист информативен простор, но со помалку алатки за одбрана“, истакна Маричиќ.
Тој нагласи дека заедничката реалност – согласувањето околу основните факти – веќе не е само медиумско, туку безбедносно прашање. Кога граѓаните не се согласуваат ни околу тоа што е вистина, станува потешко да се реагира на кризи, да се спроведуваат реформи и да се води рационална јавна дебата. „ЕУ сè повеќе ја третира информациската интегритет како дел од демократската инфраструктура. На Западен Балкан, ова директно се рефлектира на поддршката за евроинтеграции, на реформите и на отпорноста кон надворешни влијанија“, рече тој.
Во продолжение, Маричиќ се фокусираше на хибридната војна, потенцирајќи дека денешните хибридни закани не се потпираат првенствено на тенкови и ракети, туку на медиумски платформи и мрежни операции. Целта не е секогаш да се убеди граѓанинот во една лажна приказна, туку да се произведе замор, цинизам и впечаток дека „сите лажат“. „Кога ќе се сруши довербата во медиумите, изборите, судството и администрацијата, тогаш демократските одлуки стануваат далеку полесна мета“, предупреди тој.
Маричиќ посочи и на феноменот на „пост-срам“ политика – ситуација во која алгоритмите наградуваат бес, поделби и идентитетски викања, а политичарите повеќе не плаќаат цена за отворени лаги или говор на омраза. ЕУ одговара со системска регулација преку Законот за дигитални услуги и другите инструменти, но земјите како Северна Македонија ги живеат истите динамики со многу послаби заштитни механизми.
Како илустрација, тој се осврна на примерите од Северна Македонија: опасната употреба на меѓуетничкиот наратив во изборни кампањи, злоупотребата на дебатата за уставните измени и Бугарите за поларизација околу ЕУ, антиполовите и антиваксерските мрежи кои ги засилуваат антизападните пораки, како и случаите на злоупотреба на фотографии и сексуализирани фотомонтажи кои кружат преку затворени групи и апликации. „Ова не се само морални скандали, туку дел од истата матрица – напади врз довербата, достоинството и чувството на безбедност“, рече тој.
Во завршницата, Маричиќ порача дека одговорот не може да биде само реактивен, ниту сведено на „фактчек“ по поединечни лаги. „Мора да се поместиме од бркање поединечни невистини кон управување со системите – платформите, алгоритмите, ВИ-системите – преку транспарентност и одговорност по дефиниција“, рече тој, повикувајќи на комбинација од регулација, медиумска и дигитална писменост, зајакнување на институционалната комуникација и регионална соработка.
Посебно нагласи дека европската демократска отпорност нема да биде целосна ако Западен Балкан остане надвор од овие рамки. „Западен Балкан ги дели истите платформи, истите ризици и истите наративи со ЕУ. Доколку не ја затвориме празнината во отпорноста, слабостите во нашиот регион ќе останат слабост и за Европа“, порача Маричиќ, повикувајќи на поголемо вклучување на земјите аспиранти во европските стандарди за дигитална и демократска безбедност.