Додека жителите протестираат и алармираат за здравствени последици од биогасната централа, надлежните институции уверуваат дека нема надминување на граничните вредности
Светлана ДАРУДОВА*
Патниците што минуваат низ автопатот „Пријателство“, често можат да почувствуваат непријатна миризба кај наплатната станица во близина на Градско кога ќе ги отворат прозорците за да платат патарина.
За разлика од патниците што со оваа миризба се соочуваат накратко, жителите на Градско се принудени постојано да живеат со неа.
Дел од нив, граѓани од населбата Стопанство, од сите возрасти, неодамна протестираа пред објектот на биогасната централа, близу регионалниот пат Градско – Велес. Граѓаните се жалат на сериозни проблеми со силната и неподнослива миризба, како и дека низ воздухот се разнесувале лушпи и остатоци од преработка на жито, што завршувале во дворовите на мештаните.
Незадоволните граѓани велат дека поради непријатната и неподнослива миризба, се зголемувал и бројот на муви и други инсекти.
Сведоштва за здравствени проблеми и загадување
„Локал Актив Вардар“, како медиумска платформа на заедницата, присуствуваше на овој протест, на кој граѓаните бараа правда и живот во еколошка средина.
Драгана Мусова, која живее во населбата Стопанство, побара нивниот протест да биде слушнат од институциите. Вели дека целта е да добијат одговори за биогасната централа бидејќи сметаат дека е загрозено нивното здравје.
„Бараме да се реши овој проблем и да не ја чувствуваме непријатната миризба кога ќе излеземе во нашите дворови. А, исто така, можеме да забележиме дека во последно време се разлетуваат насекаде отпадоци од некакви лушпести зрнести производи. Сметаме дека тоа ни влијае врз здравјето, ни влијае врз очите. Ги замолуваме надлежните да ни помогнат во надминување на проблемот. Затоа што, ако немаме одговор, ова нема да биде последен протест“, децидна е Мусова.
Нејзината сосетка Сабина Асаноска исто така истакна дека имаат многу здравствени проблеми поради смрдеата.
„Сакаме од надлежните одговор во врска со нашиот проблем. Имаме деца, ни се разболуваат, имаме хронично заболени и за нив е проблем, за сите е проблем. Во двор не се седи, не се поднесува оваа миризба. Ова мора да се реши. Сите заедно мислам дека можеме и дека ќе успееме“, нагласи Асаноска.
На протестот присуствуваше и Амида Демири, која имала две операции на срцето и е загрижена дека оваа миризба само ѝ го влошува здравјето.
„Јас сум на лекови. Миризбата ми пречи. Не можам тука да седам, не можам тука да живеам. Ми велат, оди барај чаре. А каде да барам чаре? Каде да одам? Од сево ова јас сум повеќе болна. Боледувам од бронхитис, верувајте дека сево ова многу ми пречи. Замолувам да се разгледа целата оваа ситуација, се разболуваат и деца, млади и повозрасни“, рече Демири.
„Има многу лоша миризба, смрди, корне. Не може тука да се живее, не можеме прозорци да отвориме, да проветриме. Состојбата е катастрофална. Замолуваме да се преземат мерки во врска со оваа работа“, апелира Бајрам Усеинов.
Претставка до Народниот правобранител
За проблемот со непријатната миризба во селото, Трајче Ристов од Градско поднел претставка до Народниот правобранител.
„Се пожалив на сериозен проблем со кој се соочуваме, многу непријатен мирис што остава сериозни сомнежи за штетни влијанија врз здравјето на луѓето и врз целокупниот екосистем“, вели Трајче Ристов во изјава за „Локал Актив Вардар“.
„Постапувајќи по претставката, а заради заштита на вашите права, Народниот правобранител се обрати до Државниот инспекторат за животна средина, со барање да извршат вонреден, непристрасен и ненајавен инспекциски надзор, и во зависност од утврдената реална фактичка состојба на самото место, да преземат соодветни законски дејствија во рамките на нивните законски овластувања, со цел да се разреши ова спорно прашање. Од добиеното известување може да се констатира досегашниот тек на целата постапка, фактичката состојба што ја има утврдено надлежниот инспектор и мерките што ги има преземено во согласност со своите законски надлежности“, се вели во известувањето што го добил Ристов на 23 април минатата година, од канцеларијата на Народниот правобранител.

Државниот инспектор за животна средина од канцеларијата во Велес во известувањето до Народниот правобранител дава хронолошки осврт од извршени три вонредни инспекциски надзори и преземените чекори во согласност со тие надзори. Надзори имало на 20 мај и на 30 јули 2024 година, со контролен надзор на 12 септември истата година, како и вонреден надзор на 27 март 2025 година.
„’Вардар био процес ДОО Градско’ врши дејност производство на електрична енергија од 3 постројки за согорување биогас метан што се добива од земјоделски култури, ѓубриво и остатоци од храна. За влијанијата врз животната средина од вршењето на дејноста, изградба на термоелектро централа на биогас, изготвен е елаборат за заштита на животната средина од 10.1.2022 година, одобрен од Управата за животна средина при Министерството за животна средина и просторно планирање како надлежен орган, со решение од 5.4.2022 година. Всушност, станува збор за 3 биогасни електрани со капацитет од 3х1MW, кои се лоцирани на три катастарски парцели. Постројката е започната со работа во септември 2023 година, а по претходно одобрена урбанистичка планска документација од Општината“, се вели во известувањето.
Притоа се додава дека според делокругот на надлежност, државниот инспектор за животна средина врши инспекциски надзор дали при вршењето на дејноста се исполнуваат мерките пропишани во елаборатот за заштита на животната средина.
Инспекторат: Измерените гасови се далеку под граничните вредности

Одговарајќи на новинарско прашање на „Локал Актив Вардар“, во врска со реакциите за непријатна миризба во Градско, од Државниот инспекторат за животна средина, канцеларија Велес, известуваат дека Вардар био процес Градско, во повеќе спроведени инспекциски надзори, ги исполнува мерките за заштита утврдени во елаборатот за заштита на животната средина.
Бидејќи поплаките од жителите продолжиле, ДИЖС со решение го задолжило правниот субјект да постави опрема за континуирано мерење на концентрациите на гасови (NH3 и H2S) во амбиентниот воздух, кои се емитираат од инсталацијата за производство на електрична енергија од биомаса.
„Субјектот на надзор според задолжението, набави опрема за мониторинг на концентрациите на гасови (NH3 и H2S) во амбиентниот воздух, марка ‘KUNAK AIR Lite’, која се состои од четири мерни станици – Вардар 1, Вардар 2, Вардар 3 и Вардар 4, поставени на границите на инсталацијата, од кои две станици се на границата на инсталацијата со населбата од каде што доаѓаа поплаките на граѓаните, една станица на границата на инсталацијата од страната на автопатот ‘Пријателство’, а четвртата станица е на влезот на инсталацијата. Во административниот објект е опремена мониторинг просторија со два дисплеја – еден за NH3, а еден за H2S, во кои има опција табеларно, со графикон и со обоено поле (зелено, жолто и црвено) да се следат концентрациите на овие два параметри во текот на 24 часа, постојано. Резултатите се прикажуваат во реално време, системот има можност за сумирање на резултатите во извештаи, а на безжичната платформа Kunak Cloud се наоѓаат сите податоци на предметниот мониторинг од денот на нејзиното инсталирање – 27.11.2025г. Според резултатите од мониторингот, измерените вредности не ги надминуваат односно се далеку под граничните вредности на изложеност, во согласност со Европската директива 2000/39/EC, која се користи бидејќи во националното законодавство не се утврдени гранични вредности за NH3 и H2S“, се вели во одговорот, потпишан од Билјана Шуркова Манаскова, државен инспектор за животна средина.
Во известувањето се додава дека ДИЖС го задолжил субјектот по шест месеци од поставувањето на опремата, да изготви сумарен извештај од мониторингот, кој требало да биде доставен и до Владата на РСМ, на нејзино барање.
Општина Градско: Поддршка на инвестиции што се во согласност со закон и не го нарушуваат квалитетот на животот
Го прашавме градоначалникот на Општина Градско, Киро Нацков, кој е ставот на Општината во врска со протестот на жителите поради непријатната миризба и што ќе се преземе да се надмине проблемот. Во писмениот одговор, тој вели дека Општина Градско со должно внимание ги следи реакциите на граѓаните поврзани со работата на биогасната постројка, како и неодамнешниот протест.
„Го почитуваме правото на граѓаните на јавно изразување и ја разбираме загриженоста што се однесува на квалитетот на животната средина“, вели градоначалникот и нагласува дека во исто време е важно сите процеси да се водат во согласност со законската регулатива.
Градоначалникот тврди дека Општината активно соработува со сите релевантни институции со цел навремено утврдување на состојбата на терен и дека веќе била воспоставена комуникација со надлежните инспекциски служби и со операторот на постројката, од кои било побарано да постапат според своите законски надлежности.
„Нашата заложба е јасна – заштита на здравјето на граѓаните и почитување на еколошките стандарди, но и поддршка на инвестиции што се во согласност со закон и не го нарушуваат квалитетот на животот. Во таа насока, ќе продолжиме да иницираме засилен институционален надзор од надлежните органи, да бараме конкретни мерки од операторот доколку се утврдат отстапувања и дејствуваме како посредник меѓу граѓаните и институциите со цел изнаоѓање одржливо решение. Ова е прашање што мора да се решава институционално и во согласност со закон. Општина Градско нема ингеренции за контрола на вакви капацитети, но нема да дозволиме да се игнорираат проблемите на граѓаните. Остануваме посветени на отворен дијалог и одговорно постапување во рамките на своите надлежности“, стои во одговорот на Нацков.

„Постапуваме одговорно“, велат од биогасната централа
„Локал Актив Вардар“ побара став од Друштвото за производство на електрична енергија „Вардар био процес ДОО Градско“ дали се отстранети сите неправилности констатирани од Државниот инспекторат за животна средина во изминатиот период. Оттаму ни одговорија дека своето работење го вршат во целосна согласност со важечките законски прописи и највисоките еколошки стандарди.
Притоа информираа дека во изминатите неколку месеци, во рамките на компанијата се инсталирани и се во редовна функција неколку мерни станици, кои непрекинато вршат мониторинг на емисиите на гасови од биогасната постројка, а добиените податоци редовно се доставуваат до Државниот инспекторат за животна средина.

„Анализата на параметрите што се следат 24 часа дневно покажува дека вредностите на емисиите се незначителни и дури под дозволените гранични нивоа. Дополнително, компанијата континуирано спроведува лабораториски испитувања на емисиите и загадувачките супстанции во отпадните гасови и пареи во воздухот. Сите досегашни мерења, реализирани од акредитирани лаборатории, потврдуваат дека нема надминување на ниту една пропишана гранична вредност. Во однос на наодите од Државниот инспекторат за животна средина, компанијата постапува одговорно и во целосна согласност со сите дадени задолженија. ‘Вардар био процес ДОО Градско’ останува целосно отворена за соработка со надлежните институции, како и за транспарентно и навремено информирање на јавноста. Приоритет е утврдување на сите релевантни факти и соодветно адресирање на загриженоста на локалното население“, велат од компанијата.
Обвинителството ќе испитува
Покрај претставката до Народниот правобранител, Трајче Ристов од Градско поднел и кривична пријава во Обвинителството и петиција потпишана од незадоволни жители, кои реагираат поради непријатната миризба во селото.
Од Државното јавно обвинителство информираат дека Основното јавно обвинителство Велес оформило предмет и дало наредба за вештачење за испитување на причините. Вештото лице извршило увид на терен и се очекувал вештиот наод.
Од извори во Обвинителството, неофицијално дознаваме дека во врска со случајот со кривичната пријава што бил во фаза на предистрага, дополнително всушност требало да се испитува од каде точно доаѓа миризбата. Дали од овој објект, или од некој друг. За таа цел, дополнително ќе била ангажирана акредитирана агенција, која требало да даде одговор кои гасови се емитираат, од кои гасови се состои миризбата и од каде доаѓа оваа миризба и дали се шири низ Градско, како и дали гасовите се штетни по здравјето.
И покрај уверувањата на институциите дека емисиите се во дозволените граници, жителите на Градско и понатаму се соочуваат со сериозна непријатна миризба што им го загорчува животот и стравуваат за своето здравје. Конечното утврдување на изворот и на составот на загадувањето, кое се очекува од истрагата, ќе биде клучно за решавање на проблемот и за враќање на довербата кај граѓаните.
*Светлана Дарудова е новинарка
**Текстот е преземен од Локал Актив Вардар е онлајн медиум на локалните заедници од Вардарскиот регион во РСМ, вклучително и на ранливите групи граѓани и граѓанските организации кои работат со нив.
Локал Актив Вардар е основан во рамки на проектот „Поттикнување на граѓанскиот ангажман во локалното владеење“, поддржан од Националниот фонд за демократија (National Endowment for Democracy) од САД. Реализацијата на овој проект и формирањето на Локал Актив произлезе од идејата дека непрофитните медиуми на заедницата се од клучно значење за остварувањето на комуникациските права на локалните заедници, а особено на ранливите и маргинализираните групи граѓани.
Локал Актив Вардар се надоврзува на активностите на Институтот РЕСИС за унапредување на комуникациските права на граѓаните на локално ниво, преку формирањето на Мрежата од совети на публики во која членуваат повеќе од 60 граѓански организации кои ги застапуваат правата на ранливите групи граѓани низ сите осум региони во РСМ.