ХЕЦ Чебрен: „наш проект“, ама Владата трча по инвеститори

ХЕЦ Чебрен повторно ја отвори дилемата дали Владата навистина ќе го гради проектот како државен, откако министерката за енергетика Сања Божиновска денес изјави дека тоа е „најдобрата“ опција, но дека буџетот „не е во најдобра состојба“ и дека паралелно се разгледуваат финансиските можности и интересот од надвор.

Според изјавите што ги пренесуваат медиумите, во Министерството за енергетика пристигнал интерес од француска и јапонска компанија за учество во изградбата на хидроцентралите Чебрен и Галиште, што практично ја става на маса варијантата државата да не може сама да го носи целиот товар на инвестицијата.

Божиновска посочи дека се работи за проект од најмалку една милијарда евра и дека реализацијата би траела од седум до десет години.

„Мислам дека во следниот месец-два ќе имаме повеќе информации, меѓутоа се работи. Како што знаете Буџетот не ни е во најдобра состојба, меѓутоа ќе видиме. Сепак се работи за над една милијарда евра инвестиција“, изјави Божиновска

Токму поради ваквите пораки, дел од јавноста ја чита ситуацијата како тивко отстапување од тезата дека Чебрен ќе биде целосно државен проект, особено откако и премиерот Христијан Мицкоски во изминатиот период даваше изјави што ја поттикнаа перцепцијата дека се бара модел што ќе донесе свеж капитал и партнерство.

Од ресорот најавуваат дека во следните еден до два месеца треба да има поконкретни информации за насоката, односно дали државата ќе остане на позицијата „наш проект“ или ќе се избере форма што, барем во финалниот резултат, ќе значи дека Чебрен ќе се гради со туѓи пари и со туѓа улога во управувањето.

Зачлени се на нашиот е-билтен