Недостига кадар на Патологија: два огласи без кандидати, предупредува Клековски

Фотографија од официјалната фејсбук страна на ФЗО

Недостига кадар во Патологија, предупреди директорот на Фондот за здравствено осигурување Сашо Клековски на прес-конференција по повод Светскиот ден за борба против ракот, наведувајќи дека и покрај над 14.000 хируршки интервенции за бенигни и малигни тумори во 2025 година, интересот за специјализации по патологија е речиси никаков.

Клековски презентираше дека лани бил засилен фокусот на раното откривање преку опрема и зголемен број прегледи, при што за дијагностика на дојка биле направени над 13.000 комплетни интервенции, а вкупно биле реализирани 17.581 ендоскопски преглед, меѓу кои 7.096 колоноскопии и 9.807 гастроскопии. Тој посочи дека не е задоволен од бројот на колоноскопии, имајќи предвид дека, според препораките, граѓаните над 50 години треба да направат превентивна колоноскопија и ги охрабри да го направат тоа.

„Лошата вест е дека на два обновени огласи за патологија, пет места мислам вкупно, не се има јавено ниту еден кандидат“, изјави Клековски, нагласувајќи дека без доволно специјалисти тешко се држи чекор со растечкиот обем на дијагностички и терапевтски потреби во онкологијата.

И покрај кадровските ограничувања, според презентираните податоци, во земјава лани биле направени над 20.000 хистопатолошки анализи и околу 2.000 молекуларни и генетски истражувања. Како новина беше најавено воведување „рефлексно тестирање“, со цел да се скрати времето од потврда на малигнитет до генетска анализа, така што патологот, врз основа на утврдени протоколи, би можел да донесе одлука без дополнителни упати.

Во истата рамка, Клековски информираше дека буџетот за лекови на Онкологија во 2025 бил зголемен за 70 отсто во споредба со претходната година за да се обезбеди континуитет на терапијата и посочи дека е неопходно итно обновување на официјалните водичи за лекување кои, како што рече, датираат од 2008 година. Тој ја истакна и улогата на ПЕТ-центарот во проценката на ефикасноста на скапите терапии, наведувајќи дека лани биле направени 2.007 ПЕТ снимки, со цел бројката да порасне на 5.000 до 6.000 годишно.

Статистиката за хирургијата, рече Клековски, покажува дека во 2025 се извршени 13.993 операции на тумори по органски системи и уште 7.907 операции за ин-ситу и сомнителни неоплазми, што го оценува како резултат што заслужува признание за домашните хирурзи. Но токму затоа, предупредувањето за патологијата звучи како порака дека ланецот на лекување не може да се потпре само на операциона сала и набавена опрема, ако нема доволно луѓе што ќе ја носат дијагностиката и ќе ја „заклучуваат“ терапијата навреме.

Зачлени се на нашиот е-билтен