„Билка“ – Легализација сега: по заплените канабис бараат Lex Canabis и промени за пациенти и корисници

Здружението за канабис и зелени политики „Билка“ се огласи по заплената на пет тони марихуана во Србија за која се наведува дека пристигнала од Северна Македонија, како и по заплените на „десетици тони“ во земјава и актуелните повици од дел политички субјекти да се затворат фабриките поврзани со медицинскиот канабис.

Во соопштението, „Билка“ наведува дека со години укажува оти постојните законски решенија „исклучиво го фаворизираат бизнисот, а не пациентите“, за кои, како што додаваат, првично било наменето законското решение. Здружението посочува дека во повеќе наврати предлагало измени што, според нив, требало да овозможат квалитетни медицински производи од канабис за пациентите, како и дестигматизација и декриминализација на рекреативните корисници.

„Билка“ оценува дека барањата за укинување на можноста за одгледување медицински канабис „поради злоупотреби“ не го адресираат коренот на проблемот. Според здружението, злоупотребите настанале поради повеќегодишен пропуштен надзор од институциите, кои ги наведуваат како Министерството за здравство, Министерството за земјоделство и Министерството за внатрешни работи, а не поради самата можност за одгледување.

Во продолжение, здружението апелира до сите парламентарни партии итно да работат на Lex Canabis, односно посебен закон (lex specialis) што, според нив, би го „решил ова прашање“: пациентите да не зависат од црниот пазар, рекреативните корисници да не се криминализираат, индустрискиот коноп повторно да се развива во земјава, а дополнително и буџетот да има приходи.

Темата се актуелизира во период на засилени контроли и истраги поврзани со секторот за медицински канабис. Во јавноста со години се дискутира за регулативата и надзорот во оваа индустрија, која во Северна Македонија доби законска рамка за медицински цели во текот на изминатата деценија

Зачлени се на нашиот е-билтен