Најмалку двајца војници од велешката касарна се заразени со шуга, а бројот на лица што се во изолација е поголем, објави ТВ24. Извори од касарната тврдат дека најмалку десетина војници се изолирани, а дел од нив биле однесени и на болнички прегледи.
Според сведочењата, симптомите кај дел од војниците се појавиле пред неколку дена, најпрво како силно чешање и осип по телото, а потоа кај дел од нив се јавила и температура. Истите извори наведуваат дека војниците викендов биле пуштени дома, при што изразиле загриженост дека, доколку некој е заразен без да има изразени симптоми, постои ризик болеста да се пренесе и надвор од касарната.
Анонимните соговорници тврдат дека хигиенските услови во касарната се проблематични и дека немало доволно топла вода, а се спомнува и дотраена постелнина. Во истите наводи се посочува и дека претходно имало и проблеми со греење, поради што дел од војниците имале респираторни тегоби.
Од Армијата, како што пренесува ТВ24, потврдија дека има заразени војници, но негираат дека заразувањето се случило во касарната. Оттаму посочуваат дека станува збор за новопримени војници и дека по дијагностицирањето биле преземени здравствени протоколи и мерки за спречување на ширењето, како и дека пред сместувањето биле извршени дезинфекција и подготовка на просториите, а хигиената и капењето се организирани плански.
Шугата (скабиес) е паразитска кожна инфекција што најчесто се пренесува при близок, продолжен контакт кожа со кожа, а симптомите кај дел од заразените може да се појават и со задоцнување, наведува Институтот за јавно здравје. Во колективни средини, ваквите случаи вообичаено се третираат со изолација, епидемиолошка проценка и терапија според препораките на здравствените служби.