„Се атакувало кон пратениците“ клучната порака од пратеничката Иванка Василевска која изјави дека барањата на ССМ за повисока минимална плата и раст на останатите плати се легитимни, но оцени дека пристапот е „премногу навредлив“ и дека со такви напади се руши суштината на законодавниот дом како директно претставништво на граѓаните.
Блокадата се одржа утрово на 10 февруари 2026 година на улиците „11-ти Октомври“ и „Даме Груев“, каде синдикалците се обидоа да ги оневозможат пратениците да пристигнат со сопствени возила и да наплатат патни трошоци. Дел од пратениците, стигнале пеш до Собранието.
Во изјавата, таа ја постави рамката како спор меѓу право на протест и политичка култура: „Легитимно е тие да бараат“, рече, додавајќи дека граѓаните треба да проценат дали Владата прави доволно за да одговори на ситуацијата. Но, паралелно нагласи дека премногу е навредлив атакот кон пратениците, алудирајќи дека притисокот не смее да се претвори во понижување што ја разорува довербата во институциите.
ССМ, пак, настапи со јасно дефинирани барања: минималната плата веднаш да се зголеми на 600 евра, а останатите плати да пораснат за најмалку 6.000 денари, како и намалување на функционерските плати. Синдикалниот лидер Слободан Трендафилов порача дека блокадата е одговор на, како што тврди, долгото игнорирање на предлозите за раст на платите, наведувајќи дека со по 21 човек на две локации го организирале притисокот за пратениците да мора да дојдат пеш или со јавен превоз, „како што одат на работа работниците“.
Двете пораки, иако спротивставени по тон, на истото место ја отворија истата слабост: кога социјалниот дијалог ќе се сведе на улица и камера, секоја страна ја бира својата публика, наместо решението. Ако пратениците се чувствуваат „атакувани“, прашањето што останува е зошто спорот воопшто стигна до блокади
ССМ најави дека притисокот ќе продолжи, со следни акции насочени кон работодавачите и потоа кон Владата. Во меѓувреме, денешната сцена пред Собранието испрати сигнал: институциите не можат да бараат почит без да покажат слух за основното прашање на животниот стандард.