Министерот за правда, Игор Филков, изјави на денешниот настан „Европски стандарди за дисциплински и изборни механизми во правосудството“ дека изборот на јавните обвинители во Северна Македонија повеќе нема да биде формалност или резултат на затворени договори, туку ќе се темели на заслуги, интегритет и професионалност, како дел од реформите во правосудниот систем.
Според Филков, Владата усвои нов Закон за Советот на јавните обвинители со кој се воведуваат повисок цензус и јасни критериуми за избор на членови од редот на обвинителите, како и транспарентна и инклузивна постапка за избор на членовите што ги избира Собранието, со цел да се зајакне независноста и отчетноста на ова тело.
Тој нагласи дека секоја одлука на Советот – за избор, унапредување, дисциплинска одговорност или разрешување – ќе биде задолжително образложена и јавно објавена, со што транспарентноста се поставува како законска обврска.
Реформските мерки, според министерот, произлегуваат од констатираните слабости во правосудниот систем, вклучувајќи долготрајни постапки, случаи на корупција и недостаток на ефективна одговорност, кои, како што истакна, се адресирани со измените во повеќе закони.
Филков исто така посочи дека со новите законски решенија се зајакнуваат гаранциите за самостојноста на обвинителите и се ограничуваат условите под кои може да се даваат задолжителни упатства, со што се очекува поголема доверба на јавноста во институциите на владеење на правото.