Пронајдено е безживотното тело на Виктор Илиоски (40) од Прилеп, откако денес во 16:00 часот било пријавено дека во кругот на Градската општа болница – Прилеп се наоѓа лице без знаци на живот, соопштија од Министерството за внатрешни работи.
Според МВР, на местото интервенирала Итната медицинска помош, која ја констатирала смртта, а за настанот бил известен и јавен обвинител. По наредба на обвинителството, телото било предадено на обдукција.
Потрагата по Виктор Илиоски започнала еден ден претходно, на 15 февруари, кога во 16:15 часот во ОВР Прилеп неговиот татко пријавил дека се оддалечил од домот. Семејството претходно упати и јавен апел, наведувајќи дека последен пат бил виден во саботата околу 14:00 часот.
Од МВР велат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот, а повеќе информации се очекуваат по завршување на постапките и по обдукцијата.