Климатската акција е најевтино осигурување за економијата, покажува студија

Европа е незаштитена од климатските промени. Деградацијата на животната средина го загрозува европскиот начин на живот

Климатската акција не е „дополнителен трошок“, туку вид колективно осигурување за општеството и економијата, се наведува во студија на која се повикува Euronews, објавена денес, во контекст на растечките штети од екстремни временски појави во Европа и сè поголемиот товар врз јавните буџети.

Во извештајот се посочува дека меѓу 1980 и 2021 година екстремните временски и климатски настани предизвикале економски загуби поголеми од 560 милијарди евра во ЕУ-27, при што осигурени биле само околу една четвртина до една третина од штетите. Според истата студија, до 2050 година загубите во производството во ЕУ би можеле да надминат 5 трилиони евра, а при затоплување од 3°C БДП би се намалил за околу 10 проценти.

Студијата е нарачана од австриската европратеничка Лена Шилинг, а ја изработила професорката Сигрид Штагл од Виенскиот универзитет за економија и бизнис. Во неа се тврди дека државите сè повеќе стануваат „последен осигурител“, затоа што трошоците за помош, обнова на инфраструктура, здравствени последици и итно закрепнување сè почесто паѓаат врз јавни средства, наместо врз приватниот осигурителен пазар.

Во текстот се наведува и проценка дека вложување од 1 до 2 проценти од глобалниот економски производ може да спречи загуби од 11 до 27 проценти од БДП, додека секој долар вложен во климатска акција може да донесе повеќекратна заштеда. Истовремено, се посочува дека раната адаптација значително ги намалува вкупните загуби, а одложувањето ја поскапува годишната сметка и ги продлабочува нееднаквостите.

Поширокиот европски контекст оди во иста насока. Ројтерс, повикувајќи се на советодавното тело на ЕУ за климатски промени, објави дека Унијата е недоволно подготвена за засилените климатски ризици, дека штетите од временски и климатски екстреми веќе достигнуваат околу 45 милијарди евра годишно и дека само околу една четвртина од економските загуби се осигурени.

Паралелно, Европската комисија во јануари соопшти дека ЕУ, земјите членки и приватниот сектор треба да вложуваат околу 70 милијарди евра годишно во адаптација до 2050 година, при што најголем дел од потребите се за инфраструктура, екосистеми и безбедност на храната. Оваа проценка дополнително ја засилува тезата дека климатска акција е и фискално, а не само еколошко прашање.

Зачлени се на нашиот е-билтен