Тренчевска за Груби: СДСМ воопшто не се плаши од она што ќе го изјави Артан Груби во судот

СДСМ воопшто не се плаши од она што ќе го изјави Артан Груби во судот, изјави Јована Тренчевска на ТОП ТЕМА, коментирајќи го неговото враќање во земјава и мерките што му се определени во постапката. Таа оцени дека јавноста била доведена во заблуда со тврдењата дека Груби бил уапсен, бидејќи, како што рече, тој сам се пријавил на граничен премин, по што бил спроведен во истражен затвор и во суд.

Тренчевска нагласи дека мора да се прави разлика меѓу самопријавување и апсење, односно приведување. Според неа, дополнителен сомнеж отвора фактот што, како што тврди, службениците кои го привеле на границата не биле од граничната полиција, туку од друг оддел, што за неа упатува на можен претходен договор.

Таа рече дека СДСМ смета оти „театарот“ се случил на границата, а дека во судницата се видел договор. Како аргумент го посочи тоа што, според нејзините наводи, на лице кое ја напуштило државата и 14 месеци не било во земјава, првично му била определена мерка притвор од 30 дена, но по враќањето и самопријавувањето мерката била преиначена во куќен притвор.

Тренчевска изрази уверување дека, според неа, подолго време се договарало и преговарало за враќањето на Груби, за тој наместо во ефективен притвор да заврши во куќен притвор. Таа оцени дека таквиот исход е недопустлив.

Зачлени се на нашиот е-билтен