Изборниот законик заглави уште на превод во Министерството за правда, каде конститутивната седница на работната група за реформи во изборното законодавство не успеа ни формално да почне, бидејќи дел од претставниците побарале материјалите да бидат преведени, па наместо избор на претседател и усвојување деловник, состанокот беше одложен за следната недела.
Министерот за правда Игор Филков изјави дека воопшто не била отворена материјална расправа и дека членовите прво треба да се усогласат околу дневниот ред, терминот и основните правила за работа. Со тоа, процесот што требаше да биде старт на политички и експертски разговор за новата изборна рамка заврши уште пред да влезе во суштината, а „јазичните бариери“ станаа првата слика за реформите што власта ги најавуваше како неопходни.
Проблемот, сепак, не е само во денешното одложување, туку во впечатокот дека државата повторно стигнува неподготвена и до најавените сопствени процеси. Уште на 26 декември, по средба меѓу собраниското раководство и министерот за правда, беше најавено дека до втората половина на јануари ќе се формира работна група за подготовка на нов Изборен законик. Во истиот контекст беше посочено и дека сегашниот Изборен законик низ годините претрпел околу 40 парцијални измени, кои создаваат неконзистентност, а денешниот неуспех покажа дека до крајот на февруари државата сè уште не стигнала ни до избор на претседател на телото што треба да ги отвора тие прашања.
Токму затоа денешниот застој тешко може да се сведе на обична „техничка причина“. Конечниот извештај на ОБСЕ/ОДИХР по изборите во 2024 година јасно нотираше дека законската рамка создава основа за демократски избори, но дека неодамнешните измени биле правени низ процес на кој му недостасувале транспарентност и јавни консултации. Во приоритетните препораки ОДИХР бара ревизија на Изборниот законик за отстранување на празнините и недоследностите, како и подобрувања во финансирањето на кампањите, изборните приговори и утврдувањето на резултатите. Од таа перспектива, денешната слика од Министерството за правда не е само административен кикс, туку порака дека реформата повторно почнува со истата стара слабост: систем што тешко се договара дури и за предусловите за реформа.