Бразилско месо под европски аларм: дали има ризик и за Македонија?

Бразилско месо со траги од забранетиот хормон естрадиол влегло во европскиот синџир на исхрана, а најновите документи на Европската комисија покажуваат дека бразилскиот акциски план не успеал целосно да го спречи извозот на месо од женски говеда третирани со естрадиол 17β во ЕУ, што повторно ја отвори дилемата колку се сигурни контролите за увоз на месо и што овој европски аларм значи и за Македонија.

Проблемот не избувнал преку ноќ. Во ревизијата од 2024 година, Европската комисија оценила дека постојните бразилски механизми се неефикасни за да гарантираат оти добитокот наменет за ЕУ никогаш не бил третиран со естрадиол 17β, па дури ја довела во прашање и способноста на бразилските власти веродостојно да потврдат усогласеност со европските здравствени сертификати за извоз на говедско месо.

Следната ревизија, објавена на 24 февруари годинава, покажува дека Бразил вовел посебен протокол за следливост на женски говеда, но и дека клучната препорака останала неисполнета. До моментот на контролата, 150 фарми биле вклучени во системот, седум од нив пријавиле употреба на естрадиол 17β, а една сертификациска компанија била суспендирана поради утврдени пропусти.

На една фарма, според истиот извештај, 179 женски грла третирани со хормонот по административна грешка биле вклучени во протоколот, 174 од нив добиле сертификати што ги направиле подобни за колење за ЕУ, а производи од такви животни завршиле во 15 пратки. Ревизорите нотираат и дека бразилските власти не ги известиле европските увозници за неподобните производи, додека првите теренски контроли почнале дури 4,5 месеци по стартот на „целосно оперативниот“ систем, период во кој биле потпишани 290 здравствени сертификати за пратки со производи од женски говеда.

Размерите на проблемот дополнително го засилија политичкиот и трговскиот притисок во Европа. Ирскиот јавен сервис RTÉ објави дека Европската комисија повлекла пратки замрзнато бразилско говедско месо поради забранети хормони и дека случајот погодил повеќе европски земји, додека Agriland, повикувајќи се на информација презентирана во холандскиот парламент, наведува дека најмалку четири пратки со вкупно 62.781 килограм месо биле увезени преку Холандија, а околу 5.000 килограми веројатно веќе биле консумирани таму.

Во јавно достапните информации, фокусот е ставен на ЕУ пазарот, без конкретно наведување дека спорните пратки стигнале и до Македонија. Но темата тешко може да се третира како туѓ проблем: македонската Агенција за храна и ветеринарство и претходно воведувала превентивни мерки и засилени контроли за пратки со пилешко и говедско месо од одредени објекти во Бразил, што покажува дека домашниот систем веќе имал причина да биде претпазлив кога станува збор за таков увоз.

Зачлени се на нашиот е-билтен