Убеден сум дека по усвојувањето на уставните амандмани Бугарија ќе го изгуби кредибилитетот да блокира. Тоа не значи дека во текот на разговорите Бугарија или некоја друга држава не може да извади некои прашања коишто како услови ќе ги бара од нас, но за нас е клучно сето тоа да биде втемелено во европските правила, во европските стандарди, да не биде самоволно барање или еднострано барање или билатерално прашање и ние на тоа ќе инсистираме.
Ова во интервју за МИА го вели вицепремиерот за европски прашања и главен преговарач со ЕУ Бојан Маричиќ на прашањето дали има гаранции дека и по усвојувањето на уставните измени Бугарија нема повторно да стави блокада за нашето членство во ЕУ.
-Нашата најдобра гаранција е тоа што го пишува во преговарачката рамка, а тоа е дека во моментот на усвојувањето на уставните измени добиваме автоматски втора меѓувладина конференција, која што треба да го отвори Кластерот 1 и да почнат преговорите во тој дел, практично преговорите да заземат одреден тек, кажа Маричиќ.
Вели во наредниот период очекува дополнителна гаранција дека не може да се загрозат македонскиот јазик и македонскиот идентитет.
-Очекуваме во најскор можен рок, во наредните денови и недели една голема држава членка, најголема држава членка во Европската Унија да направи политички гест во својот Парламент да усвои еден вид на таква декларација за реафирмација на нашиот јазик и идентитет во контекст на интеграциите во Европа, открива вицепремиерот.
Тој со проценка дека најдоцна до 2030 ќе станеме членка на ЕУ и, како што вели, имаме навистина сериозна шанса и можност која што треба да ја искористиме да го фатиме сега овој пакет на следно проширување.
-Првиот нареден момент кога ќе се отвори вратата за нови членки Северна Македонија да биде во новите членки. Тоа е нашата цел и сметаме дека тоа е остварливо во наредните пет-шест години, оценува тој.
На прашање на МИА кога уставните амандмани би влегле во собраниска процедура, Маричиќ вели дека тоа е можно овој месец и тоа зависи од динамиката што ќе ја договорат во рамки на дијалогот со опозицијата.
-Да, верувам дека е тоа можно овој месец и што побрзо тоа подобро. Зависи од динамиката што ќе ја договориме во рамките на овој дијалог што сакаме да го отвориме. Но, Владата и СДСМ ќе бидат проактивни. Нема да оставиме да тече времето без да преземеме чекори и затоа е битно што побрзо да стапиме во дијалог и да даде тој дијалог резултати бидејќи вака само ќе испадне дека купуваме време или дека некој од политичките чинители купуваат време, вели Маричиќ за МИА.
Во продолжение следува интервјуто со вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во целост, со видео-материјал, кое е снимено вчера, на 9 јуни 2023 година:
Лидерската средба се одржа во средата, не беше постигнат договор, меѓутоа оставивте простор да продолжи комуникацијата. Веќе споменавте дека сте подготвени да формирате работни групи со опозицијата. Дали веќе е разговарано за тоа?
-Прво, би кажал дека, не би кажал толку цврсто дека не е постигнат никаков договор. Она што е важно е што се поместија позициите од мртва точка и што опозицијата на некој начин го промени оној досегашен цврст став дека по ниту една цена нема да има уставни измени. Добро е што ја увидоа, ја согледаа потребата од консензус и од, да речам, една позиција во која што нема самите себе да се блокираме како држава и сега останува таа добра волја да ја покажат и на дело. Од Владата имаат подадена рака, премиерот и на лице место даде конкретна понуда за редоследот на чекорите. Прво, гласање за отворање на Уставот, значи првото двотретинско гласање, потоа формирање на таа влада во која што би имало простор за сите, потоа завршување на второто гласање, завршување на скринингот, отворање на првиот Кластер и продолжување на преговорите. Секако доаѓање до точка на избори наредната година во редовен термин.
Опозицијата не ја отфрли оваа идеја. Даде само некои дополнителни услови и мислам дека затоа вреди да седнеме и да разговараме. Ние попладнево имаме и Извршен одбор и Централен одбор, ќе ги додефинираме овие наредни чекори и ќе настапиме брзо во една интензивна акција во комуникација со опозицијата да седнеме и да не губиме време, да го искористиме овој позитивен момент и позитивна енергија која произлезе од лидерската средба и растоварени од претходните ставови. Значи, без да инсистираме на тоа кој се откажал, кој каква позиција имал да гледаме напред и да дојдеме до решение. Ние на ова повикувавме година дена откако е усвоен францускиот предлог. Добро е што се случува сега иако и порано можеше многу подобро да биде.
Затоа, можам само да кажам дека вечерва ќе ги додефинираме наредните чекори со конкретни идеи околу работните групи и понатаму ќе продолжиме за брзо. Имаме ние комуникации постојано, меѓутоа официјално ќе се обратиме до опозицијата за да го отвориме овој дијалог.
Ваша проценка како вицепремиер за европски прашања, колку е применлив предлогот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за одложена примена на уставните измени?
-Видете, таа идеја не е нова. Ние таа идеја сме ја имале како позиција за преговори и со Бугарија и со Европската Унија минатата година кога се дефинираше францускиот предлог. Да не зaборавиме, има и јавни изјави дека токму наше првично барање беше тоа – уставните измени да се случат или на крајот од преговарачкиот процес или да имаат правно дејство на крајот од преговарачкиот процес. За жал, тоа тогаш не беше прифатено ниту од Бугарија, ниту од државите членки на ЕУ коишто беа на некој начин медијатори во тој процес и дојдовме до оваа фаза што ја имаме сега, а тоа да ги изведеме уставните измени кон крајот на скринингот, значи да се поклопат крајот на уставните измени со крајот на скринингот и мислам дека ако погледнеме во преговарачката рамка пишува и точна имплементација на тие уставни измени и потоа да се отвори првиот Кластер автоматски со свикување на меѓувладина конференција без дополнителна одлука од Бугарија.
Тоа, пак, беше нашето барање, тој автоматизам беше нашето барање за да имаме гаранција дека Бугарија нема повторно да блокира. Ние сме секако во таа смисла свесни што пишува, секако сме спремни да разговараме со ВМРО-ДПМНЕ на таа тема и да провериме што пишува, како е утврдено и да се обратиме на сите адреси кај што е потребно да се обратиме. Но, одговорот го знаеме. Нема тоа да биде пречка за ние да седнеме и да разговараме со ВМРО-ДПМНЕ. Меѓутоа, треба да сме свесни за ограничувањата. Затоа, нашата рамка за разговори треба да биде разумна и треба да биде реална и ние во рамките на тие реални можности секако сме подготвени да разговараме. Но, добро е како почетна позиција за да седнеме на маса и да го почнеме долгоочекуваниот дијалог.
Кога амандманите за измени во Уставот би влегле во собраниска процедура и колкава е веројатноста да постигнете договор, значи да се постигне договор меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ?
-Затоа реков, жалам што малку порано ВМРО-ДПМНЕ да влезеше на овој начин конструктивен во оваа приказна мислам дека денес ќе бевме во поинаква позиција и ќе имавме повеќе време за некои процеси. Ние им упативме покана кога се формираше Комисијата за уставни измени – Работната група во Министерството за правда. Тие беа една од ретките политички партии коишто одбија таму да испратат заедно со Левица да номинираат претставници. Инаку, доколку номинираа ќе имаа право и можност да учествуваат во процесот на формулација на текстот на иницијативата за уставни измени. Вака сега мислам дека сме на некој начин, кога завршила работата на Уставната комисија веќе го имаме предлогот на иницијативата ќе биде малку поинаку да речам, но тој текст го утврди и Уставната комисија, тоа што го утврди не е ништо различно од она што сме го зборувале досега и она што е во преговарачката рамка, а тоа е на сегашниот концепт на заедници или делови на народи којшто веќе го имаме во Уставот да се дополни во серијалот на веќе утврдени заедници коишто се во Уставот да дополниме уште неколку. Меѓу нив и Бугарите и Црногорците, Хрватите и останатите што се наведени таму. Така што, тоа е нашиот предлог, тоа е нашиот концепт. Подготвени сме еве да видиме какви идеи има ВМРО-ДПМНЕ и мислам дека можеме многу бргу да го доставиме текстот на амандманите односно на иницијативата за амандманите во Собранието.
Тоа би било овој месец кон крајот?
-Да, верувам дека е тоа можно овој месец и што побрзо тоа подобро. Зависи од динамиката што ќе ја договориме во рамките на овој дијалог што сакаме да го отвориме. Но, Владата и СДСМ ќе бидат проактивни. Нема да оставиме да тече времето без да преземеме чекори и затоа е битно да што побрзо стапиме во дијалог и да даде тој дијалог резултати, бидејќи вака само ќе испадне дека купуваме време или дека некој од политичките чинители купуваат време.
Јас верувам дека ако сме разумни и ако работиме добро до крајот на овој месец можеме да ја испратиме иницијативата во Собранието, така што може првото гласање и да биде во јули, може да биде во септември. Тоа се зависи од динамиката. Ние сме за тоа што поскоро затоа што многу време изгубивме и досега години, години за оваа фаза на преговорите.
Помалку од шест месеци остануваат до крајот на скрининг процесот за усогласување на нашето со законодавството на ЕУ. Во кои области се бара забрзана интеграција, колку досега се имплементира од она што е донесено?
-Она што е интересно, да, скрининг процесот е многу важен и многу битен во мобилизацијата на нашата администрација, но исто време и во идентификувањето на оние области каде што сме добри, позитивни, каде што имаме сериозен напредок и оние области каде што треба да работиме повеќе. Забрзана интеграција е еден специфичен термин којшто се воведува сега со новата методологија и таа можност да побараме да бидеме внесени во некоја област која што им припаѓа само на државите членки. Ние учествуваме да речеме во таква забрзана интеграција во некои области како што се оние програми Еразмус за младинска размена и образование, некои програми на Унијата за финансирање, како што се Креативна Европа, како што се другите програми што овозможуваат, не знам, развој на мали и средни претпријатија итн.
Но, имаме и области и сериозни политики каде што можеме да влеземе побргу. Тоа ни се нуди како опција. Ние сме декларирале во првите три кластери веќе одредени области каде што можеме, еве не знам европската миграциска мрежа за соработка, за контрола на миграцијата, за безбедноста на границите. Сме побарале исто така во некои формати каде што се одлучува за заштита на потрошувачите, во некои формати каде што се креира легислативата во прашање на образование, наука и култура. Значи, имаме области повеќе каде што сме побарале. Бараме и особено во делот на енергетика и транспорт. Таму веќе сме дел, меѓутоа бараме уште повеќе да бидеме вклучени, бидејќи се клучни области, бидејќи заеднички проблеми имаме со државите членки од ЕУ и треба да бараме заеднички решенија. Така што, тоа е тоа што можам да го кажам за скринингот.
Скринингот ќе ни даде точна слика, точен преглед каде сме, како стоиме во сите области, што ни се силни што ни се слаби страни и уште побитно за колку време и што треба да реализираме затоа што таму на некој начин не исправаат пред дилемата и бараат од нас да декларираме за колку години, за колку месеци, за кое време можеме да се усогласиме целосно. Ние во ниту една област не даваме подолго од седум години бидејќи нашата цел е да влеземе во 2030 година во ЕУ и затоа даваме таква временска рамка. Има многу ретки области кај што можеме да бараме транзициони периоди до седум години од членството, но се уште не сме дојдени во таа фаза.
Бидејќи има критики од европретставници дека многу се носи на хартија, меѓутоа малку се имплементира, како стоиме на тој план во одредени закони?
-Не е секаде исто и затоа таа оценка е паушална и не е добро премногу да ја повторуваме затоа што не доведува во ситуација да имаме области каде што навистина сме добри. Еве зачудувачки, можеби за јавноста, во делот на јавни набавки имаме силни институции, Бирото за јавни набавки и сите процедури околу тоа, имаме голем степен на усогласеност со Европската Унија и таму бевме да речеме пофалени во процедурите на изведбата на јавните набавки. Царина и делот на остварување на Царинската унија имаме високо ниво на усогласеност на прописите, но и високо ниво на усогласеност на работата, имплементацијата од страна на царинската служба и уште други такви области. Агенцијата за храна и ветерина, Фитосанитарната инспекција, сето тоа во тој дел да речеме на земјоделието сме исто така високо усогласени.
Кога ги очекувате извештаите од ЕУ за скринингот. Дали можеби сте запознаени со нивната содржина, што работите во меѓувреме, дали можеби ги подготвувате нацрт патоказите?
-Ние очекувавме и досега, меѓутоа мислам дека од тактички или стратешки причини заради следењето на динамиката со уставните измени Европската комисија се уште ги нема доставено извештаите. Инаку, знаеме дека извештаите за скринингот на првиот Кластер – темелни вредности, на вториот Кластер – внатрешен пазар се веќе во фаза на консултации внатре во Комисијата и очекуваме летово да се најдат пред Советот на министри на Европската унија.
Паралелно веќе работиме на драфтирање на нацрт патоказите и очекуваме некаде наесен да бидат усвоени и извештаите за скринингот и да ги доставиме патоказите и со доставувањето на патоказите практично ќе ги исполниме и оние услови за отворање на првиот Кластер заедно со уставните измени. Затоа велам временски е битно датогаш да тече работата.
Планираме летово и да работиме и да го комплетираме и оној клучен дел на преговарачкиот тим, така што во него ќе има место за сите. И затоа и тоа би го ставил на маса за разговор со опозицијата бидејќи сакаме тој тим да трае, да опстои и да има поддршка од сите политички партии.
Високи претставници на ЕУ постојано нагласуваат дека државава треба да го искористи сегашниот геополитички моментум, во спротивно, како што велат, би се довеле до стагнација. Вие бевте во Брисел минатата недела на средби со европратеници. Дали можеби се разговара за некакви сценарија за државава доколку не се усвојат уставните измени?
-Ние работиме на тоа да успеат уставните измени и сите сценарија во кои нема да успееме знаеме дека се неуспешни сценарија. Тоа се сценарија во коишто ние излегуваме од возот на којшто се качивме минатата година. Значи, минатата година 19 јули го фативме возот за членство во Европската унија и работиме на тоа да останеме. Ако не ги завршиме уставните измени ние на наредната станица ќе треба да се симнеме и да чекаме некој нареден воз којшто ќе дојде можеби за пет, можеби за 10 или можеби за 15 години, но остануваме во сферата на непознатото и во сферата на неодреденото и ризичното.
Наша цел е да го задржиме безбедниот пат на Република Северна Македонија, сигурната патека да ја продолжиме и затоа симболиката или метафората на фаќање на возот или пропуштање на возот е сериозна и треба да ја сфатиме сериозно. Бидејќи ние поигрувајќи се со тие метафори имаме пропуштено многу возови досега или бродови или како сакате наречете ги и секогаш било на наша шета. Никогаш низ историјата не ни се покажало дека чекањето е добра стратегија за зајакнување на нашите позиции. Секогаш кога сме чекале подолго за решавање на некои прашања нашите позиции се влошувале, а проблемите се зголемувале и сме плаќале на крајот повисока цена од онаа што сме можеле првично да ја платиме за да го решиме проблемот. Тоа ни се покажа и во спорот со Грција, тоа ни се покажало и во многу други области.
Освен од ЕУ, апели да се искористи моментумот доаѓаат и од Вашингтон. Сенаторот Крис Марфи кажа дека неусвојувањето уставни измени дури би влијаело и на односите со САД. Што тоа значи?
-Стратешките определби на нашата земја се утврдени уште пред 30 години. Нашите стратешки цели и определби се членство во НАТО и членство во Европската Унија. Тоа подразбира ако вие сте ги определиле тие цели како стратешки дека сте подготвени да носите и тешки одлуки за да ги остварите тие цели. Кога доаѓа моментот на носење тешки одлуки се гледа навистина кога и дали кој политички фактор и чинител е за вистински „за“ членство во Европска Унија или за членство во НАТО.
Ние се соочивме со тоа кога влегувавме во НАТО пред пет години ВМРО-ДПМНЕ да го пропушти тој воз или таа можност да речам прилика да учествува во тие процеси. Среќа е што еден дел од нивните пратеници се охрабрија и влегоа во тој процес и тоа е за честитање. Сега сме во слична ситуација. Ние во меѓувреме станавме членка на НАТО и денес мислам дека сите во услови на војна во Украина кога имаме една таква брутална агресија од страна на Русија сите се чувствуваме побезбедно ако сме членка на НАТО. Бидејќи сме членка на НАТО се чувствуваме побезбедни. Сигурен сум дека да не бевме членка на НАТО ќе се отвораа оние дежурни прашања – ќе не биде ли, дали тоа ќе има влијание кај нас, дали ние можеби ќе сме цел на следен напад. Сега тоа, денеска граѓаните се сведоци дека го немаме. Истото е и со Европска Унија. Ние за да се обезбедиме како држава да имаме траен мир ни беше потребно членството во НАТО.
За да обезбедиме траен развој и за да обезбедиме економски поголем раст на оваа држава, трансформација во сите сфери, подобра инфраструктура, поквалитетен живот, поголеми плати и поубав животен стандард и поквалитетни јавни услуги за тоа ни треба Европската Унија. Затоа мислам дека доаѓаат овие моменти кога треба да одлучите дали сте вие вистински за членство во Европската Унија или не. Ние сме свесни за сите да речам и болки и пречки и предрасуди и се во врска со членството во Европска Унија исто како што имавме ситуација со членството во НАТО. Меѓутоа, одговорни политички партии го ставаат интересот на државата на прво место и тоа е пораката на нашите партнери и од САД и од ЕУ дека сега не е време за политиканство и не е време за собирање на евтини политички поени на сметка на стратешките определби. Ние мора да ги завршиме овие обврски како влог во нашето членство во Европската Унија, а потоа можеме политички да дискутираме да не се согласуваме или да се расправаме за сите прашања идеолошки да се разликуваме, но стратешките определби се на прво место заради државата заради тоа што нашата земја не може да се движи напред. Северна Македонија нема да може да се движи напред ако не се движиме во остварување на тие стратешки цели. И затоа, пораката е дека поддршката од Соединетите Држави и нашите европски партнери треба да ја искористиме и да ја валоризираме преку решавањето на овие прашања наместо да влегуваме во една ситуација во која што ќе бидеме против, практично со тоа ќе бидеме против нашето членство во Европската Унија на долг рок.
Знаете, има една разлика од минатите циклуси на решавање на проблемите кога сме имале можеби време и луксуз да чекаме 10 години да решиме некој проблем или 20 или 15, но сега го немаме тој луксуз затоа што имаме војна на илјада километри од нас и во услови на војна неопходно е јасно да ги диференцирате политичките фактори кој на која позиција стои и кој на која страна стои и кој за што се залага. И тука веќе нема можност за импровизации, нема можност за декларативни заложби коишто не се поткрепени со политички одлуки. Не, сега е момент кога треба да се носат политички одлуки и декларативните заложби да се по кажат на дело. И во тој дух ги гледаме тие изјави.
Австрискиот министер за европски прашања Александер Шаленберг на самитот ГЛОБСЕК го критикуваше односот на Унијата кон проширувањето велејќи дека ЕУ би го загубила Западен Балкан доколку чека на негова интеграција се до 2040 година. Од друга страна, ЕУ најави нов развоен план со што би се забрзала интеграцијата на земјите од Западен Балкан, што тој план значи? Дали можеби тоа значи некоја нова форма на асоцијација и членство. Конкретно за државата може ли да појасните што би значел тој план, дали можеби би имале поголем пристап до фондовите на ЕУ?
-Од нашите информации, прво, треба да знаеме дека тоа е сериозен политички процес и мислам дека крајната форма ќе биде презентирана од претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен ова лето. Таа го претстави како идеја, меѓутоа очекуваме ова лето да биде претставено како еден конкретен план со конкретни точки за реализација коишто ќе бидат од наш интерес и коишто ќе значат, ќе се почувствуваат и конкретни придобивки за граѓаните во целиот регион вклучувајќи ја и Северна Македонија.
Меѓутоа, мислам дека што тоа би значело, како би се покажало на дело или какви се нашите очекувања или кои се нашите идеи, најпрво сметам дека е неопходно да се направи ревизија на досегашната ИПА помош и да се зголеми ИПА помошта за сите држави од Западен Балкан. Значи, потребни ни се повеќе пари. Сигурни сме дека тие повеќе пари ќе бидат врзани за повеќе реформи и тој принцип повеќе пари за повеќе реформи го слушаме веќе во Брисел подолго време и очекуваме тоа да биде да речеме еден од принципите по којшто ќе се води таа нова политика – повеќе реформи правете за да добиете повеќе пари. Оние коишто се добри во реформите, имаат добри извештаи ќе добиваат повеќе пари, оние коишто сметаат дека може да се одлагаат прашањата подолго и да не се решаваат проблемите, да не се носат законите, да не се подобрува ситуацијата на терен ќе добиваат помалку пари. Значи, пак во наши раце ќе биде одлуката. Исто така, мислам дека ќе се отвори вратата за некои области да бидеме поасоцирани и повклучени во политиките на Европската Унија и во некои од областите.
Меѓутоа, тоа не е замена за членство?
-Тоа секако не е замена, меѓутоа тоа е замена за бескрајно чекање затоа што другата опција ни е да чекаме уште долго време под истите услови како досега во изминатите 20 години коишто видовме дека не даваат резултати. И затоа е битно третиот елемент којшто треба да го содржи овој план и за којшто ние мора да се залагаме е да имаме догледна точка како целна година за членство во Европската Унија. Ние го комуницираме тоа како 2030 година, но очекуваме и Европската унија да даде индикативна цел, индикативна година во која што би можеле да станеме членки. Тоа значи дека сите ќе станат членки таа година, тоа може да значи дека тие што ќе бидат доволно подготвени со доволно ниво на реформи и трансформација ќе можат да влезат тогаш, останатите може да влезат по две години, по три години, по пет години.
Меѓутоа, мора да има временска рамка
-Ние на тоа инсистираме. Тоа сакам да кажам дека веќе немаме разбирање за бескрајното одлагање во смисла на временската рамка и тука само би додал има добра прилика, еве 2024 година наредна е изборна година во ЕУ кога ќе бидат европските парламентарни избори, ќе има нов состав на Парламентот и на Комисијата итн., добра прилика е кога ќе се планира буџетот по 2027, бидејќи буџетите во ЕУ се седумгодишни од 2021 до 2027 година, 2027 година ќе се носи буџетот за наредните седум години. Во тој буџет за наредните седум години во еден дел треба да не предвидат дел од државите коишто се кандидатки да бидат членки на Европската Унија и тоа ќе биде првиот индикатор за тоа колку сериозно ќе функционира овој план.
Меѓу граѓаните владее зголемен евроскептицизам, во голем дел и поради тоа што ЕУ не испорача кон државата тоа што го вети, повеќе од половина се против уставните измени, бидејќи едноставно не веруваат дека тоа би било последно барање на Бугарија. Како да се убедат граѓаните и како до гаранции дека Бугарија повторно нема да стави блокада и по усвојувањето на уставните измени?
-Нашата најдобра гаранција е тоа што го пишува во преговарачката рамка, а тоа е дека во моментот на усвојувањето на уставните измени добиваме автоматски втора меѓувладина конференција која што треба да го отвори Кластерот 1 и да почнат преговорите во тој дел, практично преговорите да заземат одреден тек.
Јас сум убеден дека по усвојувањето на уставните амандмани Бугарија ќе го изгуби кредибилното право да блокира. Тоа не значи дека во текот на разговорите Бугарија или некоја друга држава не може да извади некои прашања коишто како услови ќе ги бара од нас, но за нас е клучно сето тоа да биде втемелено во европските правила, во европските стандарди, да не биде самоволно барање или еднострано барање или билатерално прашање и ние на тоа ќе инсистираме.
Очекуваме во наредниот период како дополнителна гаранција дека не може да ни се загрози она што ни е нам најважно и најсвето – македонскиот јазик и македонскиот идентитет, очекуваме во најскор можен рок во наредните денови и недели една голема држава членка, најголема држава членка во Европската Унија да направи политички гест во својот Парламент да усвои еден вид на таква декларација за реафирмација на нашиот јазик и идентитет во контекст на интеграциите во Европа.
Нема да откриете за која држава станува збор?
-Па нема да откријам затоа што сметам дека редно е да ја откријат тие самите да го соопштат тоа, но можам да ви најавам дека тоа ќе се случи во наредниот период.
Холандскиот амбасадор во земјата во повеќе наврати упатува остри критики за корупцијата и правосудството. Дали можеби Холандија би била државата која што во текот на преговорите би ставила блокада доколку нема резултати во борбата против корупцијата и што прави Владата на овој план?
-Ние со Холандија имаме непосредна, директна отворена комуникација за ова и за сите други прашања. Очекуваме во наредниот период тој дијалог да се интензивира и сметаме дека е важно не само со Холандија туку и за целата Европска Унија да биде убедена дека ние ги преземаме вистинските чекори.
Она што можам да ви кажам е дека ние ја поканивме Холандија да испрати – номинира свој експерт во работаната група која што ќе го креира патоказот за владеење на правото и тие тоа го прифатија и веќе имаме номинација, така што очекуваме под надзор на Холандија да се направи тој патока за владеење на правото за да имаат тие доверба дека сме ги предвиделе вистинските чекори како Влада за наредниот период што следува до членство да направиме суштинска промена во сите области, особено во овие клучните области што ги споменавте.
Значи, борбата против корупцијата и борбата за владеење на правото е долгорочен процес и секогаш ќе имаат и Холандија и граѓаните и сите други држави членки на ЕУ во Владата да речам сојузник по ова прашање и во дневната борба против корупцијата и во дневната борба со перцепцијата, но и во долгорочните мерки и системските одлуки што треба да се носат.
Што одговоривте на писмото од ЕУ во кое е побарано објаснување за употребата на европско знаменце за изградбата на Коридорите 8 и 10д?
-Тоа беше една комуникација која трае веќе повеќе месеци. Ние првото прашање го добивме пред неколку месеци на скринингот за јавни набавки за Поглавје 5 околу овој проект, дадовме и устен одговор, дадовме и писмено објаснување и сега откако беа законите внесени во собраниска процедура добивме и дополнителни прашања.
Ние објаснивме се во детали. Тоа што го кажуваме во јавноста го кажуваме и во писмото до Европската комисија. Прво, сметаме дека постои политичка оправданост за ставањето на европското знаме бидејќи инфраструктурите, функционалноста на патната мрежа се еден од клучните услови или насоки коишто ги добиваме од ЕУ во функционирањето на заедничкиот пазар, во функционирањето на слободното движење на стоки, на услуги, на луѓе. Исто така дека на 16 мај практично со одлука на Транспортната заедница Коридорот 8 стана дел од патната мапа на ЕУ, односно да стане дел од европските коридори, од трансевропските мрежи и на тој начин практично нашите напори за комплетирање на овој Коридор стануваат интерес и на Европската Унија и секако укажавме дека овие промени на законите нема да важат само за проектот „Бехтел и Енка“, туку дека ќе важат и за европските инфраструктурни проекти финансирани од парите на Европската Унија или, пак, стратешките проекти коишто се финансирани или, пак, поддржани и се учесници компании од држави членки на Европската Унија.
Вицепремиере за крај, која е вашата проценка кога ќе станеме членка на ЕУ?
-Најдоцна до 2030 мислам дека ќе станеме членка на ЕУ и дека имаме навистина сериозна шанса и можност која што треба да ја искористиме да го фатиме сега овој пакет на следно проширување. Првиот нареден момент кога ќе се отвори вратата за нови членки Северна Македонија да биде во новите членки. Тоа е нашата цел и сметаме дека тоа е остварливо во наредните пет-шест години.
Неда Димова Прокиќ
Фото: Фросина Насковиќ
Видео: Андреј Бранковиќ