Бројот на македонски државјани што се наоѓаат во регионот на Блискиот Исток и бараат помош за евакуација расте, соопшти Министерството за надворешни работи и надворешна трговија како одговор на ескалацијата на конфликтот. Министерството нагласува дека е во постојан контакт со сите граѓани што се затечени во загрозените подрачја и презема активности за нивна евентуална безбедна евакуација, додека дипломатско‑конзуларните претставништва низ регионот остануваат на располагање за поддршка и координација.
Според официјалните информации, се зголемува бројот на граѓани кои ги контактирале амбасадите на Република Северна Македонија во Тел Авив, Доха и Абу Даби околу можностите за евакуација, при што над 150 македонски државјани побарале помош за организирање на нивно повлекување од ризичните области. Со сите нив се одржува постојан контакт за поддршка и информации околу безбедните опции за напуштање на регионот ако ситуацијата тоа го овозможи.
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија има формирано кризен штаб што функционира 24 часа на ден за сите потреби поврзани со консуларна помош, вклучително обезбедување контакти, актуелни безбедносни информации и насоки за македонските државјани на теренот. Граѓаните се повикуваат да ги следат упатствата и известувањата од локалните власти и дипломатските служби додека трае нестабилната состојба во регионот.