Кога мајка и шестгодишно дете ќе побараат спас во смртта, тоа не е само „семејна трагедија“. Тоа е крик што претходно не бил слушнат. На 2 март во Скопје, мајка и нејзината ќерка го завршија животот поради семејно насилство. Таа причина ја наведе братот на жената на социјалните мрежи. Настанот беше пренесен како шокантна вест, како црна хроника, како уште една болна приказна што ќе се повлече од насловните страници за неколку дена. Но суштината не е во сензацијата. Суштината е во зборот што упорно го избегнуваме: фемицид.
Кога маж убива жена затоа што е жена – тоа не е „семејна драма“, туку фемицид. Кога системот не ја заштитува жената од континуирано насилство, кога институциите реагираат формално или воопшто не реагираат, а не суштински, кога околината ја советува да „трпи заради децата“, тогаш трагедијата не е изолиран чин. Таа е последица на структурна неправда.
Што е фемицид?
Терминот фемицид се користи за да го означи убиството на жена мотивирано од нејзиниот пол – најчесто во контекст на интимно партнерско насилство, семејно насилство, или родово заснована омраза. Во меѓународното право и пракса, особено во документите на Обединети нации, фемицидот се препознава како крајна форма на родово базирано насилство.
Совет на Европа преку Истанбулска конвенција воспостави стандарди што бараат државите не само да ги казнуваат сторителите, туку и да превенираат, да штитат и да обезбедат системска поддршка за жртвите. Фемицидот, во оваа рамка, не е само кривично дело; тој е индикатор за неуспех на институциите да спречат ескалација на насилството.
Важно е да се разбере дека фемицидот не се случува „одеднаш“. Тој е крајна точка на циклус на закани, контрола, психолошко и физичко малтретирање. Затоа неговото именување има аналитичка и правна тежина: го открива мотивот, контекстот и системската одговорност.
Закон на хартија, нефункционалност до болка во практика
Според достапните податоци на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилстви, од 2014 до 2024 година се бележат најмалку 75 убиства на жени и околу 40 обиди за убиство на жени. Во 2025 година имаше 4, што укажува на долготраен и повторлив образец на родово базирано насилство со фатален исход.
Дополнително, трендот на пријавување на родово базирано и семејно насилство расте: од преку 1 500 случаи во 2022 година, до речиси 1 840 во 2024 година, при што жените сочинуваат над 80 % од жртвите на насилство според податоците на Центрите за социјална работа (иако дел од овие случаи не водат до фемицид, тие го ризикуваат тој исход).
Овие бројки не зборуваат само за црна статистика. Тие илустрираат неказниво однесување, системски недостатоци во превенирањето и недостаток на доверба во институциите, што директно влијаат на трагичните исходи што ги гледаме – како оној на 2 март во Скопје.
Во Северна Македонија, семејното насилство е инкриминирано, а државата ја има ратификувано Истанбулската конвенција. Но фемицидот како посебна правна категорија не е јасно дефиниран во Кривичниот законик. Убиствата на жени најчесто се процесуираат како „убиство“ со евентуални отежнувачки околности, без експлицитно препознавање на родовата димензија.
Во јавниот дискурс, уште поретко се користи терминот, иако се забележува промена, која, за жал, доаѓа заради зачестените фемициди. Политичарите зборуваат за „семејни трагедии“. Дел од медиумите користат сензационалистички формулации – „љубоморен сопруг“, „расправија што излегла од контрола“. Со тоа, наративот се префрла од системски проблем кон приватна драма. Одговорноста се разлева, а структурната нееднаквост останува невидлива.
Оваа јазична магла не е наивна. Таа ја одржува илузијата дека станува збор за изолирани случаи, наместо за повторлив образец.
Зошто зборот е важен
Да се именува нешто значи да се признае дека постои. Кога велиме „фемицид“, ние признаваме дека родот е фактор во насилството. Признаваме дека постои култура на контрола и сопственичко однесување кон жените. Признаваме дека предупредувачките сигнали често биле видливи – и игнорирани.
Трагедијата во Скопје не може да се сведе само на индивидуален очај. Ако претходеле пријави, закани, институционални контакти – тогаш мора да се постави прашањето: каде потфрли системот? Зошто жената не верувала дека има излез? Зошто смртта ѝ изгледала како единствена заштита?
Без зборот „фемицид“, овие прашања остануваат на маргините. Со него, тие стануваат централни.
Се разбира, целосната истрага за тоа кои делови од системот за заштита затаиле, мора да се спроведе.
Што значи тоа во пракса?
Именувањето не е доволно ако не е проследено со политики и протоколи. Функционални политики и протоколи.
Затоа, како прво, потребна е јасна правна дефиниција и статистичко следење на фемицидот како посебна категорија. Без податоци, нема политики и протоколи.
Како прво, исто така, потребна е целосно реинвентирање на системот. Од систем за заштита од семејно насилство, тој мора да се редизајнира во систем за рано препознавање и превенирање. Дури потоа да следи делот за заштита.
Второ, буџетите мора да ја следат реториката: повеќе средства за засолништа, бесплатна правна помош, психолошка поддршка и специјализирани тимови во полицијата и обвинителството.
Трето, образованието и јавните кампањи треба да ја адресираат културата на толерирање насилство. Родово сензитивното известување во медиумите не е цензура, туку професионален стандард.
И конечно, соработката со невладиниот сектор – организациите што со години работат на терен – не смее да биде формална, туку суштинска. Тие први ги гледаат пукнатините низ кои жените пропаѓаат. Во мракот на насилтвото каде што остануваат без глас.
Фемицид не е збор што ја радикализира дебатата. Тој ја прецизира. Трагедијата од 2 март, во скопско Тафталиџе, не смее да остане уште една вест што ќе ја потисне следната трагедија. Ако продолжиме да бегаме од зборот, ќе продолжиме да бегаме и од одговорноста.
Реалноста не можеме да ја избегнеме. Прашањето е само дали конечно ќе ја именуваме, но најважно од сѐ да почнеме да ја менуваме.