На почетокот за иустрацијата на овој текст. Брутална е. Да, брутална е, но таква е средината во која, според достапните податоци на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилстви, од 2014 до 2024 година се бележат најмалку 75 убиства на жени и околу 40 обиди за убиство на жени. Во 2025 година имаше 4, а на 2 март се случи трагедијата што ја потресе Македонија и што уште еднаш укажа на долготраен и повторлив образец на родово базирано насилство со фатален исход.
Трагедијата во скопската населба Тафталиџе кога мајката, заедно со ќерќичката, побара спас од насилникот во смртта, повторно го отвора прашањето: колку вреди животот на жртвите на домашно насилство во очите на државата?
- Фемицид: зборот што го избегнуваме, реалноста од којашто не можеме да избегаме
Расте бројот на пријавите за семејно насилство, жртвите без соодветна заштита, трагедиите статистика
До кога ќе молчат институциите? До кога ќе зборува насилството? Дали трагедијата во скопско Тафталиџе е јасно огледало на системот? Каков е патот на жртвите низ системот? Ако има протоколи, зошто не функционираат? Кои се слабите алки, ако не се сите?
Ова се прашањата за кои побаравме одговори од ХЕРА-Асоцијација за здравствена едукација и истражување и ЕСЕ- Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост не жените.
Закони и протоколи на хартија, во реалноста брутално насилство
Од двете организации се согласни дека постои законска и пoдзаконска рамка која предвидува процедура на постапување. По пријава на насилство, полицијата има обврска да изврши интервенција, да направи проценка на ризик и да го извести Центарот за социјална работа и Јавното обвинителство. Центарот за социјална работа отвора предмет, врши социјална проценка, предлага заштитни мерки и обезбедува упатување кон засолништа или психосоцијална поддршка, особено кога се засегнати деца. Обвинителството покренува постапка и предлага мерки за обезбедување на безбедноста на жртвата, додека судот изрекува привремени мерки и води кривична постапка.
Сепак, велат од ХЕРА, иако постои систем за постапување, во пракса најчесто доаѓа до пропусти поврзани со:
- формална и недоволно темелна проценка на ризик, особено кога нема видливи физички повреди;
- недоволна координација и размена на информации помеѓу полицијата, центрите за социјална работа и другите надлежни институции;
- доцнење или неизрекување на итни мерки за заштита;
- недоволно следење на сторителите, особено во случаи на повторувачко насилство;
- слаби капацитети за сместување на жртвите;
- Системот на постапување не учи и не се унапредува во континуитет согласно системска анализа на случаи со фатален исход.
„Искуството покажува дека во случаи кои завршуваат со убиство, често постои претходна историја на пријави или индикатори на ризик кои не биле соодветно третирани како високоризични. Доколку полицијата случајот го завери како поплака, наместо семејно или родово базирано насилство, нема покренување на заштитни мерки“, истакнуваат од ХЕРА.
Психолошкото, економското и сексуалното насилство не се препознаваат
Нашите соговорници во ЕСЕ посочуваат на сериозниот расчекор помеѓу она што е предвидено на ниво законски механизам или протокол за заштита и имплементацијата во пракса.
„Првиот проблем се јавува веднаш по пријавувањето на семејното насилство во ЦСР или полиција. Овие институции ги немаат потребните ресурси за доследна примена на нивните законски обврски. Почнувајќи од немањето на посебни простории за спроведување на индивидуален разговор со жртвите, како и ограничени технички и човечки ресурси за постапување во овие случаи. Поради недоволната едукација на практичарите, одделни форми на семејното насилство, како што се психолошкото, економското и сексуалното насилство не се препознаваат по пријавувањето на насилството, што во суштина придонесува ја оневозможува заштитата и поддршката за жртвите“, велат во ЕСЕ.
ХЕРА постетува дека освен потоечкиот протокол за меѓусебна соработка на надлежните субјекти за преземање на мерки за превениција, спречување и заштита на насилство врз жените и семејно насилство, во претходните години се направени и законски измени. Во 2021 донесен е Закон за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство, усогласен е Кривичниот законик во 2023 година и последните измени во 2026 година се изврши редефинирање на кривичното дело „телесна повреда“. Со овие измени треба да ја зајакнат кривично-правната заштита, така што родово-базираното насилство, семејното насилство и насилството врз жена се гонат по службена должност, без да биде потребна приватна иницијатива од жртвата.
„Протоколи имаме, но немаме практична примена и имаме многу системски пропусти. За жал поради овие пропусти, ја нема довербата во системот и институциите и токму затоа жртвите често се откажуваат од пријавување или воопшто не пријавуваат“, нагласуваат во ХЕРА.
Ограничени институционални капацитети и отсуство на системски механизам за надзор
Ова покажува, посочуваат во ХЕРА, дека проблемот не е во отсуството на правна рамка, туку во нејзината недоследна имплементација, ограничени институционални капацитети и отсуство на системски механизам за надзор и евалуација на примената на протоколите.
„Исто така, не смееме да ја занемариме обврската на државата континуирано да инвестираме во системот на превенција и заштита, од постојано екипирање на институциите со доволен број на обучени лица кои ќе се вклучат во превенција, поддршка и справување со насилство“, наласуваат од оваа граѓанска организација.
На ова се надоврзуваат колегите од ЕСЕ кои укажуваат дека како резултат на овој пристап ние повеќе од 20 години имаме сериозни системски недостатоци кои оневоможуваат ефективна заштита и поддршка на жртвите:
- отсуство на континуирани кампањи за подобрување на разбирањето во јавноста за препознавање на семејното насилство и користење на законските механизми за заштита;
- неефективни законски механизми за заштита;
- недостаток на континуирана едукација на практичарите од ЦСР, полиција, здравство, правосудство за постапување во случаите од ваков вид;
- несоодветен систем за собирање и објавување на податоци за пријавените случаи;
- ограничениот пристап на жените до мерките за заштита, услугите и законски гарантираните права;
- недоследна примена на законските обврски на индивидуално ниво на институција и недоволна меѓусебна соработка и координација помеѓу институциите вклучени во системот на заштита;
- применување на блага казнена политика кон сторителите на семејно насилство.
Многу слабости во македонскиот систем
Постојат повеќеслојни и структурни слабости кои, покрај анализите на граѓанскиот сектор и практичните искуства од терен, се утврдени и Извештајот од Државниот завод за ревизија за примена на мерките и активности од надлежните институции за обезбедување на ефективни специјализирани услуги за поддршка и заштита на жените жртви на родово базирано насилство и семејно насилство, согласно Истанбулската конвенција.
Овие наоди не се изолирани административни пропусти, туку системски прашања кои директно влијаат врз безбедноста на жените и децата.
Центрите за социјална работа функционираат со хроничен недостиг на стручен кадар. Тоа значи дека проценката на ризик и следењето на случаите често зависат од индивидуалниот капацитет на вработените, наместо од стабилен и унифициран систем. Во услови на преоптовареност, постапувањето лесно може да стане формално, а не суштинско. Особено ако жртвата пријавила, па ја повлекла пријавата, се случува и одговорот при вториот обид да не биде адекватен, да се релативизира насилството, со што се зголемува ризикот по безбедноста на жртвите.
Една од стратегиите кои често ја прават сторители на насилство, е постојан притисок преку претставки врз службените лица од центрите за социјални работи, во однос на родителските права и укинување на мерките за заштита и пријавување на т.н семејно насилство од жртвите како тактика за дефокусирање од резрешување на предметите за родителски права на децата и семејното насилство.
Дополнително, не постои интегриран систем за евиденција на жртвите, што оневозможува унифицирани, точни и навремени податоци меѓу институциите. Ова ја ослабува координацијата и ја намалува можноста за рана идентификација на високоризични случаи.
Во однос на сервисите, состојбата е особено загрижувачка. Според стандардите на Истанбулската конвенција, државата треба да има 184 легла во засолништа, а воспоставени се само 67, односно 37% од потребното. Потребни се 19 советувалишта, а воспоставени се 11. Територијалната распределба е нерамномерна, а дел од објектите кои формално постојат не се во функција или не ги исполнуваат потребните стандарди. Во одредени региони практично не постои безбедно место каде жртвата може веднаш да се засолни.
Дополнително, не е спроведена анализа на реалните трошоци за специјализираните сервиси, што го отежнува одржливото буџетско планирање и ја доведува во прашање долгорочната стабилност на поддршката.
Систем кој реагира отпосле, а не спречува
Кога ваквите структурни недостатоци ќе се поврзат со трагични настани како тој во Тафталиџе, станува јасно дека станува збор за систем кој реагира, но недоволно спречува. Дополнително, мора да се земе предвид и високото ниво на непријавени случаи. Дел од граѓаните не пријавуваат насилство поради недоверба во институциите, страв од повторна виктимизација, економска зависност или чувство дека „ништо нема да се промени“. Оваа латентна бројка е сериозен индикатор за потребата од зајакнување на довербата во системот и обезбедување навремена, професионална и чувствителна реакција.
Секој случај со фатален исход не е само индивидуална трагедија, туку сигнал дека постојат системски празнини во проценката на ризик, достапноста на услуги и институционалната координација. Токму затоа, јакнењето на капацитетите, воспоставувањето функционален систем на податоци, зголемувањето на специјализираните сервиси и градењето доверба кај граѓаните не се прашања на избор, туку на обврска и одговорност.
Сепак коодрдинираното постапување согласно актуелните протоколи затајува и тоа се гледа од континуираните случаи на семејно насилство кои завршуваат фатално или со тешки телесни повреди на жртвите. Затоа значајно е со научените лекции од сите случаи каде протоколот/институциите/стручните лица затаиле да се преточат во предлог за измена на заедничкиот протокол за постапување. Исто така, барање на индивидуална и институционална одговорност е клучна, секаде каде што службените лица и институциите не постапиле со должно внимание, за да се превенира непостапувањето во иднина.
Еден новинарски напис, анализа, може толку. Да ги собере сите информации, да ги повика сите институции да си ја вршат работата.
Тука можеби треба да се потсетиме на уште една изјава на поранешниот јавен обвинител Љупчо Коцевски: Има големи пропусти и ерозија на системот, рече на 16 март по увидот на местото на незапамтената трагедија во Кочани.
Една година подоцна повторно се покажува дека системот е целосно во ерозија и во оваа сфера, во заштитата на жените од насилство и фемицид, односно убиство од родово базирано насилство.