За еден месец одземени 25 возила во Охрид, Струга, Кичево и Дебар

Полицијата одзела вкупно 25 возила на подрачјето на СВР Охрид од 1 февруари, односно од почетокот на примената на измените во Кривичниот законик поврзани со „безобѕирно управување моторно возило“.

Според објавените информации, најмногу возила биле одземени во Струга – 11, потоа во Кичево – 7, во Охрид – 6, а во Дебар – 1.

Во образложението за преземените мерки се наведува дека 12 возила биле одземени поради управување без возачка дозвола, осум поради активна забрана за возење, четири биле управувани од лица под дејство на алкохол, а едно било нерегистрирано.

Од СВР Охрид посочуваат дека интензитетот на сообраќајните контроли е зголемен на целото подрачје и дека, покрај редовните контроли, се користат и мобилни електронски камери поставувани на различни локации во и надвор од градовите. Паралелно се спроведуваат и превентивни мерки и кампањи со цел да се зголеми внимателноста кај возачите и безбедносната култура во сообраќајот.

Надлежните оценуваат дека фреквенцијата и густината на сообраќајот на подрачјето на СВР Охрид постојано растат, поради што мерките се насочени и кон превенција и кон санкционирање на прекршоци што најчесто водат до сообраќајни незгоди и животно загрозувачки ситуации.

Зачлени се на нашиот е-билтен