Сепак ќе остане, уставниот суд пресече за линеарното зголемување на пензиите

Линеарно зголемување на пензиите останува во сила откако Уставниот суд на денешната седница, ја запре постапката за оценување на уставноста на член 2 од измените на Законот за пензиско и инвалидско осигурување од 2025 година, бидејќи предлогот не добил мнозинство и оспорениот акт останал во правниот поредок.

Со ова, Судот практично ја затвори правната неизвесност што со месеци висеше над моделот на линеарно усогласување, воведен како привремено решение наместо редовниот процентуален механизам. Во претходната фаза, самиот Суд оцени дека има основ да ја отвори постапката, со образложение дека истиот износ за сите пензионери може да отвори прашања за еднаквоста, правото на сопственост и социјалната сигурност, особено затоа што пензискиот систем се темели на различни уплати и различен стаж.

Одлуката сега значи дека линеарното зголемување останува да важи во периодот утврден со законските измени, односно во рамката во која беше суспендиран редовниот начин на усогласување. Токму таа законска интервенција, според решението со кое во ноември 2025 беше поведена постапката, предвидуваше неприменување на член 37 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување во периодот од 1 септември 2025 до 31 март 2026 година.

Политичката и јавната тежина на случајот дополнително порасна откако во изминатиот период се отвори дебата дали најголемиот дел од пензионерите би биле оштетени доколку се врати старото процентуално усогласување. Денешниот епилог, меѓутоа, ја остави во сила актуелната формула и ја префрли тежината на расправата од судницата назад во полето на економската и социјалната политика.

Зачлени се на нашиот е-билтен