Ревизорите утврдиле слабости во целиот систем на препознавање, превенција и заштита од насилство врз жените

ревизорите

Ревизорите утврдиле слабости во целиот систем на препознавање, превенција и заштита од насилство врз жените.Ова се констатира во извештајот на Државниот завод за ревизија (ДЗР)  за „Имплементација на Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство” или таканаречена Истанбулската конвенција за 2025 година, која укажува дека мерките и активностите на институциите не обезбедуваат доволно ефективна поддршка, заштита и реинтеграција на жените жртви.

ДЗР констатира дека пропусти и грешки се јавуваат во сите сегменети при проценката на ризик, која често е формална и не го препознава навреме високото ниво на опасност. Дополнително, недостасува ефективна координација меѓу институциите и интегриран систем за евиденција, што доведува до фрагментирано постапување кое наместо да осигура безбедност, ги изложува на дополнителни ризици и закани самите жртвите на насилство.

Повеќеслојни и структурни слабости

Постојат повеќеслојни и структурни слабости кои, покрај анализите на граѓанскиот сектор и практичните искуства од терен, и тие се утврдени во Извештајот од Државниот завод за ревизија за примена на мерките и активности од надлежните институции за обезбедување на ефективни специјализирани услуги за поддршка и заштита на жените жртви на родово базирано насилство и семејно насилство, согласно Истанбулската конвенција.

Овие наоди не се изолирани административни пропусти, туку системски прашања кои директно влијаат врз безбедноста на жените и децата, посочуваат ревизорите.

Национално координативно тело чија задача е да го следи спроведувањето на Истанбулската конвенција и националните политики за борба против насилство врз жените и семејно насилство и треба да промовира меѓу институционална соработка не ги исполнува задачите кои му се утврдени што резултира со отсуство на координација во спроведувањето на политиките и мерките за спречување и борба против сите форми на насилство врз жените, како и независен мониторинг и евалуација, поддржани со соодветни и веродостојни податоци.

Извештајот на ДЗР нотира дека не е изработена функционална анализа и стандарди за работа на Центрите за социјална работа (ЦСР) со цел започнување на постапка за реорганизација на центрите.

Започнатите постапки за лиценцирање на здруженијата со цел вклучување во системот на даватели на специјализирани услуги за жртви на РБН и СН не се завршени и не е уреден начинот за лиценцирање на С.О.С линиите кои нудат специјализирани услуги за помош на жртви на РБН и СН.

Центрите за социјална работа функционираат со хроничен недостиг на стручен кадар. Тоа значи дека проценката на ризик и следењето на случаите често зависат од индивидуалниот капацитет на вработените, наместо од стабилен и унифициран систем. Во услови на преоптовареност, постапувањето е формално, а не суштинско, заклучуваат ревизорите. Особено ако жртвата пријавила, па ја повлекла пријавата, се случува и одговорот при вториот обид да не биде адекватен, да се релативизира насилството, со што се зголемува ризикот по безбедноста на жртвите.

ДЗР наведува дека рдна од стратегиите кои често ја прават сторители на насилство, е постојан притисок преку претставки врз службените лица од центрите за социјални работи, во однос на родителските права и укинување на мерките за заштита и пријавување на т.н семејно насилство од жртвите како тактика за дефокусирање од резрешување на предметите за родителски права на децата и семејното насилство.

Не постои интегриран систем за евиденција на жртвите и за координација на институциите

Дополнително, не постои интегриран систем за евиденција на жртвите, што оневозможува унифицирани, точни и навремени податоци меѓу институциите. Ова ја ослабува координацијата и ја намалува можноста за рана идентификација на високоризични случаи.

Во однос на сервисите, состојбата е особено загрижувачка. Според стандардите на Истанбулската конвенција, државата треба да има 184 легла во засолништа, а воспоставени се само 67, односно 37% од потребното. Потребни се 19 советувалишта, а воспоставени се 11. Територијалната распределба е нерамномерна, а дел од објектите кои формално постојат не се во функција или не ги исполнуваат потребните стандарди. Во одредени региони практично не постои безбедно место каде жртвата може веднаш да се засолни. Дополнително, не е спроведена анализа на реалните трошоци за специјализираните сервиси, што го отежнува одржливото буџетско планирање и ја доведува во прашање долгорочната стабилност на поддршката.

Судството е уште една слаба алка

Министерството за внатрешни работи, односно полицискиот службеник, без согласност на жртвата, доставува предлог до надлежен суд за изрекување итна мерка за заштита – отстранување на сторителот од домот и забрана за приближување до домот во случај кога е проценето дека постои ризик за сериозна опасност по животот и физичкиот и психичкиот интегритет на жртвата и членовите на нејзиното семејство или ризик од повторување на насилството.

Но, ДЗР утврдило, од добиените податоци од страна на МВР, дека многу малку се користи мерката отстранување на сторителот од домот и забрана за приближување до домот. Во периодот 2018 – 2023 година од страна на секторите за внатрешни работи од Скопје, Куманово, Штип, Струмица, Тетово, Охрид, Битола и Велес изречени се вкупно 8 мерки отстранување на сторителот од домот и забрана за приближување до домот.

Податоците покажуваат дека најчесто во случај на насилство кога е проценето дека постои ризик за сериозна опасност по животот и физичкиот и психичкиот интегритет на жртвата се преземаат мерки за заштита преку нејзино сместување во центар за специјализирани услуги (засолниште), а многу ретко се изрекува мерката за заштита – отстранување на сторителот од домот и забрана за приближување до домот.

Ваквата состојба создава ризик за ефикасна превенција и заштита од насилство, од причина што сторителот останува во домот и продолжува со своите активности, додека жртвата е принудена да го смени своето место на живеење. Со отстранување на сторителот од домот и обезбедување на соодветна психолошка помош, се испраќа порака дека насилството не се толерира и дека одговорноста е кај насилникот, а не кај жртвата.

Министерство за здравство нема донесено програма за спроведување на почетна и континуирана едукација за здравствени работници кои работат на заштита на жените жртви на РБН и СН . Тоа ќе овозможи воспоставување на систем за собирање на податоци за број на дадени здравствени услуги во мрежата на здравствени установи за жртвите и сторителите на РБН и СН.

Матичните лекари на тој начин ќе можат да ја спроведат постапката за подготовка на пријава за насилство, доколку лекарскиот преглед и разговорот со пациентката индицира такви наоди, по што треба да следи известување на Националното координативно тело за состојбата со РБН и СН врз основа на податоците од Националниот систем за електронски евиденции во здравство.

Како заклучок, Државниот завод за ревизија заклучува дека со спроведената ревизија и применетата ревизорска методологија, прибраните ревизорски докази, се стекнува разумно уверување дека мерките и активностите за обезбедување на специјализирани услуги за поддршка и заштита на жените жртви на родово базирано насилство и семејно насилство, кои се преземаат од страна на надлежните институции не се доволно ефективни за спречување, заштита, поддршка и интеграција на жртвите.

Зачлени се на нашиот е-билтен