Скопското парно утре влегува во најчувствителниот ден од преодниот период по официјалниот крај на грејната сезона: 30 април, последниот датум до кој, според правилата, може да продолжи испораката на топлинска енергија ако времето го наложи тоа.
Според документот доставен до редакцијата, Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад информира дека за 30 април 2026 година се создадени услови за производство, испорака и снабдување со топлинска енергија. Во истиот документ е наведено дека средната прогнозирана температура на воздухот во Скопје за 30 април ќе изнесува 8,75 степени Целзиусови.

Тоа е значително под регулаторниот праг од 12 степени. Според Правилата за снабдување со топлинска енергија, редовната грејна сезона трае од 15 октомври до 15 април, но снабдувањето може да се врши и по 15 април, најдоцна до 30 април, доколку прогнозираната средна надворешна температура за наредниот ден е еднаква или помала од 12 степени според податоците на УХМР.
Конечната одлука за испорака во деновите по 15 април ја носи РКЕ, врз основа на известување од регулираниот производител на топлинска енергија.
Со тоа, 30 април не е сива зона во системот. Тој е последниот законски предвиден ден од преодниот режим во кој греењето може да биде активирано ако температурите паднат под прагот. Во текот на грејната сезона, снабдувачот има обврска да обезбеди минимална температура од 20 степени, со дозволено отстапување од еден степен, во грејните простории од 6 до 22 часот, под услов внатрешната инсталација да е исправна.
Проблемот не е во тоа дали календарски се затвора сезоната. Проблемот е дали системот за производство, дистрибуција и снабдување навреме обезбедил енергенс за ден во кој правилата сè уште можат да наложат греење, согласно закон и потсетување во истиот за кривична одговорност.
Станува збор за услуга што не опфаќа само приватни станови. Според јавно објавените податоци, на системот за парно греење во Скопје се приклучени околу 66.000 активни потрошувачи, од кои околу 65.000 домаќинства и повеќе од 1.000 деловни потрошувачи, меѓу кои болници, здравствени домови, основни и средни училишта и градинки.
Во центарот на дилемата е природниот гас, основниот енергенс за работа на скопските топлани. Јавниот повик на ЕСМ Производство на топлина бр. 06/2-2026, објавен за дополнителни количини природен гас, покажува дека периодот на набавката е од 1 април 2026 година во 6 часот до 1 мај 2026 година во 6 часот. Во истиот документ е наведена максимална дневна најава од 1.500 MWh.
Оваа ставка е клучна за разбирање на случајот. ЕСМ не набавило гас за мај, тоа само по себе не мора да значи дека нема покриеност за 30 април. Во гасниот систем, периодот на испорака во јавниот повик формално трае до 1 мај во 6 часот, што го опфаќа и гасниот ден што почнува на 30 април во 6 часот.
Но, тоа не ја затвора дилемата. Напротив, ја префрла на друго, поконкретно прашање: дали ЕСМ Производство на топлина навреме доставило дневна номинација за потребните количини природен гас за 30 април и дали таа номинација била потврдена.
Моделот на договор за купопродажба на дополнителни количини природен гас предвидува дневна номинација. Купувачот е должен најдоцна до 10 часот во тековниот ден да ги номинира количините што ќе бидат преземени наредниот ден, а продавачот треба да ја потврди номинацијата најдоцна до 11 часот. Дневната номинација почнува во 6 часот и завршува во 6 часот следниот ден.
Тоа значи дека клучниот документ не е само месечната набавка, туку дневната номинација. Ако за 30 април се создадени услови за греење, како што стои во доставениот документ, тогаш јавноста треба да знае дали производителот имал активен договор, дали номинирал количини, дали тие биле прифатени и дали топланите имаат техничка и енергетска можност да испорачаат топлинска енергија.
Во известувањето за избор на најповолна понуда по јавниот повик 06/2-2026 е наведено дека за периодот од 1 април до 1 мај во 6 часот е избрана понуда од компанијата Sustainable Energy Supply OOD, со фиксна цена од 51,10 евра за MWh. Овој податок покажува дека постоела постапка за набавка што го покрива и последниот априлски гасен ден, но не покажува дали за конкретниот ден се номинирани доволни количини.
Одговорноста во ваков случај не е на една адреса. РКЕ ја носи конечната одлука за испорака во преодниот период. Регулираниот производител треба да ја извести РКЕ дека условите се исполнети и да обезбеди производство. Дистрибутерот треба да ја пренесе топлинската енергија до системот. Снабдувачот е лицето кон потрошувачите и има обврска да обезбеди сигурно, континуирано и квалитетно снабдување во согласност со правилата, договорите и лиценцата.
Отворено останува и прашањето за евентуална одговорност доколку јавната услуга не биде обезбедена. Неиспорака на парно во ден кога условите се исполнети не значи автоматски кривично дело. За таква квалификација би биле потребни службени документи, договори, дневни номинации, преписка меѓу институциите, одлуки за набавка, податоци од операторот на гасниот систем и утврдување дали некој свесно пропуштил да обезбеди услови за јавна услуга. Но, ако институциите однапред знаеле дека 30 април може да биде ден за греење, а системот не бил подготвен да испорача топлина, случајот станува прашање на регулаторна, управувачка и евентуално правна одговорност.
На ЕСМ Производство на топлина, ЕСМ Снабдување со топлина, ЕСМ Дистрибуција на топлина и РКЕ сега им остануваат неколку конкретни прашања: дали е донесена одлука за испорака на топлинска енергија за 30 април; дали ЕСМ Производство на топлина доставило дневна номинација за природен гас; колку MWh биле номинирани и колку биле потврдени; дали договорот со избраниот снабдувач го покрил гасниот ден до 1 мај во 6 часот; и дали корисниците ќе добијат парно во согласност со правилата.