Последниот случај на брутално врсничко насилство врз девојче во Скопје е уште еден сериозен аларм дека системот кој треба да штити и да ги превенира ваквите појави, целосно потфрла и за тоа мора да има политичка и секаква друга одговорност, порача на прес конференција Симона Цветановски од СДСМ.
За сите пропусти, за промашената превенција, несоодветното постапување на МВР јасна е одговорност на министерот Панче Тошковски. Во последните две години со ВМРО на власт, живееме во држава во која насилството е секојдневие, во училиштата, во домовите, на улиците. Дури и безбедноста на децата е загрозена. Само од почетокот на годинава имаше три грозоморни случаи на злоупотреба на малолетници во Скопје, Гостивар, Неготино. Превенција никаква. А наместо одговорност, неказнивост. Семејно насилство на секој чекор – со случаи кои завршуваат трагично, и покрај претходни пријави.
Згаснаа животи на мајка и малолетно дете – МВР на чело со Панче Тошковски не ги заштити. И покрај 12 пријави за две години за семејно, физичко и психичко насилство врз младата Ивана – МВР било слепо и глуво. Насилник во Велес ја уби младата Росица и нејзиниот татко – уште едно во низата потврдувања дека МВР и Тошковски потфрлија. Сериски убиец во Кумановско Старо Нагоричане уби пет жени, додека две години биле игнорирани пријавите на жителите – МВР и Тошковски повторно потфрлија“ порача Цветановски
Таа потсети и на други случаи како пожарот во „Пулс“ во Кочани, дрога на граница и слично.
„Ни се случи најголемата трагедија, во Кочани згаснаа 63 жртви. Тошковски ги штитеше неговите началници. Пет тони дрога поминаа преку граница без никаква контрола. До ден-денес нема одговор од МВР како поминале, и кој ќе одговара во врвот на власта. Царина, полиција, службеници, началници? Кој ќе одговара? Полицијата е ставена во функција на заштита на власта, наместо на граѓаните. Ниту една прес-конференција на министерот Тошковски нема да ја врати довербата на граѓаните. Одговорност мора да има, а таа е директно кај министерот Тошковски, време е да ја преземе и да си даде оставка. Покажа дека нема капацитет да ги заштити граѓаните и да ја гарантира безбедноста“ истакна Цветановски