Уште на три фирми им се одзема лиценца за медицински канабис

Бројот на фирми што ќе останат без лиценца за производство на медицински канабис ќе порасне на девет, откако министерот за здравство Азир Алиу најави дека на уште три компании „сигурно“ ќе им бидат одземени одобренијата, додека една дополнителна фирма сè уште е во анализа. Алиу кажа дека досега се „процесирани“ 23 компании во рамки на вонредните контроли.

Ова доаѓа по одлуката на Владата од 24 февруари, кога беа одземени лиценците на шест фирми – „Алфафарм“, „Гринлајф“, „ЦБД медплант“, „Лајфплант“, „Атафарм“ и „Канабидоис“ – по наоди за низа неправилности, од административни и инфраструктурни, до технолошки и кадровски. Во истиот контекст беше најавено дека вонредни контроли ќе опфатат вкупно 43 правни лица.

Надлежните тогаш образложија дека кај дел од субјектите биле затекнати проблеми со складирање на сув цвет, недоставени известувања за производство и берба, непотполна документација за продажба и трансфер, како и несовпаѓања меѓу евидентирани и фактички затекнати количини во сеф-соби. Биле спомнати и случаи каде камерите не работеле, имало недостаток на човечки капацитети или немало соодветно обезбедување.

Засилената проверка на секторот беше активирана по заплени на марихуана во земјава и по случајот во Србија, каде беа откриени пет тони марихуана за кои српските власти изнесоа сознанија дека потекнува од Македонија. Во истиот период беше формирана и комисија во рамки на Министерството за здравство за да ја „прочешла“ целата индустрија без, како што беше најавено, привилегирани и „заштитени“ играчи.

Паралелно, Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција отвори истрага против шест лица за вмешаност или поврзаност со шверцот на марихуана од Македонија во Србија – што дополнително ја крева политичката температура околу тоа како со години функционирал режимот на дозволи и надзор.

Во оваа фаза, владината порака е дека се чисти теренот, но клучното прашање останува: дали одземањето лиценци ќе значи трајно отсекување од бизнисот, или ќе се остави простор истите компании повторно да аплицираат и да се „вратат на пазарот“ со козметички корекции. Алиу јавно остави резерва околу тоа прашање, најавувајќи консултации со стручните служби.

Зачлени се на нашиот е-билтен