Дизелот до 85 денари? Новиот правилник ја врза цената за секој понеделник

Регулаторната комисија за енергетика со правилник донесен на 4 март ја смени динамиката на формирање на цените на горивата: одлука за највисоки малопродажни цени ќе се носи еднаш седмично, на седница секој понеделник, а пресметката ќе се темели на просек од изминат седумдневен период.

Истата измена ја брише и одредбата што ѝ даваше можност на Комисијата да реагира и во текот на седмицата – кога берзанските цени и/или курсот би „повлекле“ корекција од најмалку 2 денари по литар. Во 2022 токму тој механизам беше воведен како вентил за брзи шокови; сега, со неговото укинување, цената практично се „заклучува“ во неделен циклус, без формален простор за вонредно усогласување меѓу два понеделника.

Официјалната логика во образложението е „сигурност во снабдувањето“ во услови на турбуленции на светските берзи. Но на терен, токму ваквата временска кочница може да произведе спротивен ефект ако цената на увозот скокне среде седмица: трговците остануваат со трошок што расте „ден за ден“, а со цена што не смее да се помести до следниот понеделник. Во таков распоред, кризата не почнува со официјална одлука за поскапување, туку со лимити, прекини и селективно точење.

Првите симптоми веќе се појавија. Во јавноста се појавија сведоштва за гужви и нервоза, со тврдења дека на дел бензински пумпи дизел не се точел или се споменувале неофицијални ограничувања на количината. Во исто време, од Владата стигнува порака дека проблем со снабдувањето нема и дека состојбата е „под контрола“.

Во ваквиот јаз меѓу „нема проблем“ и „има лимит“ влезе и објавата за известување со печат на „Лукоил“ во кое се наведува ограничување на продажбата на дизел за тешки товарни возила, трактори и автобуси до најмногу 50 литри, како и забрана за точење во небезбедни канистри. Истовремено, премиерот уверува дека деривати има доволно и дека државните резерви покриваат над 62 дена потрошувачка.

Во моментов, највисоката малопродажна цена на еуродизелот е 71 денар за литар. Но познавачи на состојбите укажуваат дека следната недела дизелот може да поскапи за 12 до 15 денари и да достигне цена од околу 85 денари. Во ваков модел, токму понеделничката одлука ќе стане политички и економски „праг“: ако пресметката ја фати целата седмица на висок увозен трошок, скокот ќе биде концентриран – одеднаш, а не постепено.

Проблемот, сепак, не е само во бројката на таблата. Дизелот е основен трошок за транспорт, земјоделство и комунални услуги, па секоја нагла корекција се прелева во цени на храна и услуги. Кога на тоа ќе се додаде психолошкиот ефект на паника – „точам однапред, за да не снема“ – државата може да добие двоен удар: поскапување на цените и ризик од локални прекини на снабдување, иако на хартија има залихи.

Зачлени се на нашиот е-билтен