Со 42 милиони евра ќе се гради нов универзитет „Мајка Тереза“

Во Скопје денеска беше поставен камен-темелникот на новиот универзитетски кампус на Универзитетот „Мајка Тереза“, на локацијата на поранешната касарна „Илинден“. Проектот е вреден околу 42 милиони евра и се промовира како најголема досегашна инвестиција во високо образование на албански јазик во земјава.

На настанот присуствуваа премиерот Христијан Мицкоски, министерката за образование Весна Јаневска и градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити. Во пораките што се испратија од локацијата доминираше тезата дека новиот кампус треба да биде инфраструктура што ќе го поддржи академскиот развој и научно-истражувачката работа, а не само настава во училница.

Предвидено е кампусот да се гради на површина од околу 31.000 квадратни метри, како современ академски комплекс со амфитеатри, студентски простори и спортска инфраструктура, вклучително и спортски сали и базен. Во финансиската конструкција се наведува дека околу 40 милиони евра се за самата изградба, а околу 2 милиони евра за надзор.

Проектот, по својата природа, носи и политичка симболика: во време на остри јавни расправи за приоритетите во образованието, Владата сака да ја закова пораката дека вложувањето во кампуси и капацитети е долгорочна инвестиција што ќе се мери со децении – преку задржување на млади кадри, подобри услови за студирање и поголема конкурентност на домашните универзитети.

Зачлени се на нашиот е-билтен