Мицкоски речникот со навреди го направи алатка во арена во која аргументите губат вредност и се претвораат во политички булинг.
Зоран БОЈАРОВСКИ
Премногу болна и трауматична за граѓаните и општеството е трагедијата на мајката Ивана и нејзината ќеркичка. Целото општество, згрозено од трагедијата како крај на семејно насилство, разви дебата за одговорноста на институциите и на поединците во тие институции кои уште еднаш не ги видоа ризикот, заканите и пеколот низ кој поминувала Ивана.
И очекувано е во една нормална демократија, трагедија што ја потресува јавноста отвора прашања за одговорност. Во Македонија, таа отвора и навреди.
Кога новинарите го прашаа премиерот Мицкоски дали министерот за внатрешни работи треба да понесе одговорност, одговорот беше краток: тие што го бараат тоа треба да одат на лекар.
Со тоа, политичката дебата повторно беше сведена на омаловажување.
Кога премиерот на една држава им советува на луѓето кои бараат политичка одговорност „да одат на лекарски преглед“, тоа не е само момент на лоша реторика. Тоа е симптом на политичка култура.
Останува констатацијата дека овој испад на Мицоски не е изолиран случај. Напротив, тоа е дел од една подолга серија јавни настапи во кои премиерот политичките противници, критичарите и новинарите ги третира со презир наместо со аргумент.
„Талог на општеството“, „лешинари“, „глодари“
Пред само неколку недели, коментирајќи критики околу неговите лични навики и колекционирањето скапи часовници, премиерот изјави дека со тоа се занимаваат „оние од талогот на општеството“. Претходно, во некои јавни настапи кога од Мицкоски се бараа некои одговори на прашањата на опизицијата или новинарите за трегадијата во Кочани, тој навредуваше со зборовите „лешинари“, „глодари“.
Разбираме дека Мицкоски е под притисок, но неговата позиција и одговорност се нешто што подразбира притисок, но некој треба да му каже, бидејќи тој самиот не разбира, дека набвредите не се легитимна политичка позиција, туку морално инфериорна активност.
Во демократските системи, критиката е основата на јавниот живот. Но, не таква каква што одразува неговиот вокабулар на навреди.
Политиката како вербална пресметка
И уште нешто треба да разбере. Ако со таквиот вокабулар мисли дека гради или негова некаков личне стил, длабоко се лаже. Политичката култура не е прашање на негување на „уличарски“ стил. Тоа е прашање на разбирање на политиката.
Во демократските општества, политичкиот противник е – противник. Некој со различна визија, но со исто право на учество во јавниот простор.
Во политиката на навредата, противникот е непријател. Некој што треба да се понижи, дискредитира или исмева.
Кога премиерот на држава ги опишува критичарите како „талог“, кога на граѓаните кои бараат одговорност им препорачува медицинска помош, а новинарските прашања ги третира како лични напади, тогаш политичката дебата престанува да биде јавна расправа. Таа станува вербална пресметка.
Културата на моќта
Политичкиот речник никогаш не е случаен. Тој е одраз на односот кон моќта.
Во зрелите демократии, лидерите се трудат да ја намалат дистанцата со граѓаните. Јазикот е внимателен, дури и кога е остар.
Но, во политичка комуникациска традиција на ВМРО-ДПМНЕ, напротив, нејзините лидери секогаш го користел јазикот како инструмент на доминација. Таков беше претходникот на Мицкоски, неговиот ментор – Никола Груевски. Навредите што тој ги практикувашебеа начин да се демонстрира сила.
Во таква политичката сцена, Мицкоски го засили тој речник и го претвори во арена во која аргументите губат вредност, а гласноста и омаловажувањето стануваат мерка за политичка енергија.
Кога лидерот поставува тон
Проблемот не е само во една изјава. Проблемот е што премиерот на државата го поставува тонот на јавниот дискурс.
Кога лидерот користи навреда, тоа станува дозволен јазик и за неговите поддржувачи. Кога лидерот ги дисквалификува критичарите, тоа создава клима во која критиката се доживува како непријателство кон државата.
А тоа е опасна логика.
Зашто демократијата не се мери само со избори. Таа се мери со начинот на кој власта се однесува кон несогласувањето.
Тестот на политичката зрелост
Трагедијата со мајката и детето требаше да биде момент на тишина, емпатија и институционална одговорност. Наместо тоа, повторно добивме политичка навреда.
Тоа е лош сигнал – не само за опозицијата или за новинарите, туку за целото општество.
Зашто вистинската политичка зрелост не се гледа во тоа како власта зборува со своите поддржувачи.
Туку во тоа како зборува со своите критичари.